Dildar Baykan
07 Март 2018•Ажурирај: 07 Март 2018
КОКС БАЗАР / AНКАРА (AA) - Шведскиот пејач Махер Заин, кој е роден во Либан, ги посети камповите на араканските муслимани во Бангладеш и учествуваше во добротворната работа на турската Црвена полумесечина во регионот, јавува Anadolu Agency (AA)
Според информациите добиени од турската Црвена полумесечина, Заин вчера бил во Кокс Базар, каде живеат араканските муслимани што се засолна во соседен Бангладеш, бегајќи од големиот прогон во Мјанмар.
Заин го придружуваше делењето храна и хигиенски сетови во кампот Балукали, и им делеше помош на луѓето како доброволец на Црвената полумесечина на Турција.
Познатиот пејач истакна дека е задоволен што ќе може да ги сподели со светската јавност хуманитарните активности на турската Црвена полумесечина, која тоа го извршува со голема посветеност.
Заин, и претходно ги поддржуваше меѓународните хуманитарни акции на турската Црвена полумесечина. Со цел да се привлече светското внимание кон гладот и драмата во Сомалија, во мај 2017 година, по покана на турската Црвена полумесечина, тој замина во посета на регионот.
Според последните податоци на ОН, од 25 август минатата година досега поради насилствата во Мјанмар, 688.000 Араканци се засолнија во Бангладеш. Од околу 2 милиони муслимани, колку што се претпоставува дека живееле во Аракан во 70-тите години од минатиот век, по бегствата од систематските напади оваа бројка денеска е драстично намалена и изнесува 350.000.
Според сателитските снимки што ги објавија меѓународните хуманитарни организации, во подрачјето се запалени повеќе од 350 муслимански села.
Владата на Бангладеш често повикуваше на муслиманите од Аракан да им се овозможи враќање во нивните домови. Поради тоа, со Владата на Мјанмар на 23 ноември беше потпишан договор.
Според споменатиот договор, оние што сакаат да се вратат во Мјанмар мора да достават документ дека живееле во Мјанмар, пред да избегаат во Бангладеш. Меѓутоа, во 1982 година на муслиманите од Аракан им беше одземено правото на државјанство, и тие не се регистрирани во Мјанмар. Освен тоа, и документите што ги предадоа муслиманите од Аракан треба да поминат низ одреден процес на одобрување.
Покрај тоа, во рок од два месеца по потпишувањето на договорот, неопходно беше да се започне со враќање на муслиманите во нивните земји, но беше изјавено дека процесот е одложен.
Организациите за човекови права се загрижени да не започне овој процес, без да се обезбедат неопходните услови. Организациите предупредуваат дека Aраканските муслимани може да бидат изложени на нов бран етничко чистење.