Riyaz Khaliq
11 Ноември 2020•Ажурирај: 12 Ноември 2020
АНКАРА (АА) - Австралискиот министер за здравство денес изјави дека вакцините за спречување на коронавирусот се очекуваат до март 2021 година, пренесува Агенција Анадолија (AA).
„На пат сме да им доставиме вакцини на Австралијците, почнувајќи од март 2021 година. Мислам дека тоа се исклучително важни вести“, рече министерот за здравство.
Со него беше и Џон Скерит, шефот на регулаторното тело за лекови, вакцини и медицински уреди.
Неговата изјава доаѓа два дена откако фармацевтските гиганти „Фајзер“ и „БиоНТех“ објавија дека нивната вакцина е 90 отсто ефикасна против новата инфекција.
Toj рече дека Австралија потпишала договор со компанијата „Фајзер“ за 10 милиони дози антигени, и дека обезбедена е логистика за одржување на производот на одредена температура од -70 степени потребни за чување на вакцината мРНА.
Министерот откри дека се постигнати договори и со „„Новавакс“, „АстраЗенека“ и „Оксфорд“, Универзитетот „Квинсленд“, ЦСЛ и со постројката на ОН КОВАКС за набавка на милиони вакцини за австралиското население.
Меѓутоа, Скерит рече дека одобрувањето нема да биде дадено сè додека не се уверат дека тие ги исполнуваат барањата за ефикасност и безбедност.
„Но, се надевам дека до крајот на јануари ќе бидеме во ситуација да можеме да ги одобриме првите неколку вакцини“, рече тој.
Австралија има регистрирано 27.671 случај на коронавирусот и 907 смртни случаи, покажуваат податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.