Kemal Karadağ
13 Мај 2020•Ажурирај: 14 Мај 2020
АНКАРА (АА) – Во Турција во последните 24 часа регистрирани се 1.639 лица позитивни на новиот тип коронавирус, со што вкупниот број на заразени е зголемен на 143.114, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението објавено на интернет-страницата на Министерството за здравство на Република Турција и во објавата на министерот за здравство, Фахретин Коџа, на социјалната мрежа Твитер се наведува дека денес се извршени 33.332 тестирања за Ковид-19, и дека вирусот е потврден кај 1.639 лица.
Според соопштението на Министертвото, во последните 24 часа од Ковид-19 починале 58 пациенти, а излекувани се 2.826 лица.
Во земјата направени се вкупно 1.474.003 тестирања на вирусот, при што вкупниот број на лица позитивни на Ковид-19 изнесува 143.114.
Досега како последица на Ковид-19 починаа 3.952, а оздравеа 101.715 лица. На одделите за интензивна нега се наоѓаат 998 пациенти, а на респиратор се поврзани 535.
„Бројот на пациенти на интензивна нега за првпат падна под илјада. Бројот на оздравени пациенти надмина 100.000. Вкупниот број на направени тестови е речиси 1,5 милиони. Нашата главна сила против вирусот е маската и 1,5 метри социјална дистанца. Ризикот е најголем во средини каде што има гужви, да се оддалечиме од тие средини“, порача министерот Коџа на својот Твитер профил.