Zehra Nur Düz
11 Мај 2020•Ажурирај: 13 Мај 2020
АДЕН
Јеменската влада денес го прогласи Аден за „зона на катастрофа“ поради ширењето на новиот тип на коронавирус и други епидемии, наведуваат локалните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Владата ја повика Светската здравствена организација, меѓународната заедница и организациите за здравствена нега за поддршка на Јемен во неговата борба против пандемијата на Ковид-19 и другите епидемии кои се појавија по поплавите во градот, објави официјалната новинска агенција Саба.
Од обилните дождови и поплавите што го зафатија Јемен од средината на април беа погодени околу 150.000 луѓе, изјави на 1 мај Јенс Ларк, портпаролот на Канцеларијата за координација на хуманитарната помош на ОН (OCHA).
Тоа ја поттикна владата минатиот месец јужниот дел на градот да го прогласи за „зона на катастрофа“.
Јеменската влада до сега потврди осум смртни случаи и 51 случај на заразување во областите под нејзина контрола. Половина од жртвите и 35 случаи на заразување се пријавени само во Аден.
Јемен е упориште на судири и насилство од 2014 година, кога проиранското бунтовничко движење Хуси ја презеде контролата во поголемиот дел од земјата, вклучувајќи го и главниот град Сана.
Конфликтот ескалираше една година подоцна кога Саудиска Арабија и нејзините арапски сојузници почнаа да изведуваат воздушни напади против Хусите во Јемен, поддржувајќи ја просаудиската власт.
Од 2016 година досега загинаа повеќе од 70.000 лица, проценуваат Обединетите нации, а 14 милиони се соочуваат со екстремен глад.