Ömür Melih Üzelce
10 Ноември 2018•Ажурирај: 11 Ноември 2018
АНКАРА (AA) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека убиецот на саудискиот новинар Џамал Кашоги се наоѓа меѓу 15-те до 18-те лица кои саудиските власти ги уапсиле по убиството, и дека нема потреба убиецот да се бара на друго место, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган денес од Анкара отпатува за Париз, каде што на повик на францускиот претседател Емануел Макрон ќе присуствува на собирот, по повод одбележувањето на стогодишнината од завршетокот на Првата светска војна.
Париз утре ќе биде домаќин на повеќе од 70 шефови на држави и влади низ светот. Ердоган пред поаѓањето во Париз одговараше на прашањата на новинарите, а во оваа пригода рече дека во Париз е планирана негова билатерална средба со американскиот претседател Доналд Трамп.
На прашањето во врска со синоќешната експлозија на муниција во турскиот град Хакќари, Ердоган рече: „Во експлозијата во складиште на муниција во Хакќари загинаа 7, а повредени се 25 наши војници.“
Ердоган говореше и за случајот на убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги, и рече дека убиецот на Кашоги се наоѓа сигурно меѓу 15-те до 18-те лица кои Саудиска Арабија ги уапси по убиството.
„Убијците се сигурно меѓу тие 15 или 18 лица. Нема потреба убиецот да се бара на друго место“, рече Ердоган.
По конференцијата за новинарите, Ердоган отпатува за Париз, во придружба на сопругата Емине Ердоган и министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу.