ЏАКАРТА (АА) - Anadoly Agency (AA) со свечена церемонија го отвори својот сервис на индонезиски јазик, како и централната канцеларија за Пацификот, во насока на исполнување на нејзината цел да биде највлијателната новинска агенција во светот.
Во главниот град на Индонезија, Џакарта, беше организиран прием за официјалното отворање на сервисот на АА на индонезиски јазик, како и на централната канцеларија за Пацификот.
На овој прием беа присутни заменик генералниот директор на АА, Мустафа Озкаја, членот на Управниот одбор на АА, Али Туркер Пиртини, регионалниот координатор на АА за Азија, Кавказ и за Пацификот, Јилмаз Јаман, заменичката на министерот за комуникација, информација и технологија на Индонезија, Роасрита Никен, амбасадорот на Турција во Џакарта, Мехмет Кадри Шандер Ѓурбуз, генералниот директор на официјалната новинска агенција на Индонезија, Антара, Меидјатама Сурјoдининграт, голем број високи претставници на земјата, како и претставници на весници, телевизии и интернет-портали во земјата.
Заменикот генерален директор на АА, Озкаја, во своето обраќање пред присутните упати благодарност и ги поздрави сите што дале придонес за свечената церемонија на официјалното отворање на сервисот на АА на индонезиски јазик со седиште во Џакарта. Индонезискиот јазик е 12-ти јазик на кој АА ги објавува своите содржини.
Озкаја нагласи дека АА е единствената меѓународна новинска агенција што ќе објавува на индонезиски јазик.
„Индонезија е приоритетна земја за Anadolu Agency, со население над 260 милиони и со клучна позиција во азиско-пацифичкиот регион. Подготвени сме со нашата широка глобална мрежа новинари и фоторепортери да ги споделуваме вестите на Индонезија со светот. Во овој свет на информации што постојано се менува, имаме многу нешта да научиме едни од други. Треба да ги зголемиме и да ги зајакнеме билатералните односи меѓу Турција и Индонезија. Објавувањето на индонезиски јазик е голем чекор направен во насока на исполнување на оваа цел. Оваа канцеларија ќе биде нов почеток за градење мостови меѓу Турција и Индонезија, како и меѓу поширокиот регион. Многу сме возбудени што се наоѓаме тука и поради тоа што почнавме да објавуваме на индонезиски јазик. Почнувајќи од денес, со сето срце веруваме дека пријателските и братските односи меѓу Турција и Индонезија ќе се зајакнуваат во сите аспекти на животот“, рече тој.
Од друга страна, заменик-министерката за комуникација, информација и технологија на Индонезија, Никен, истакна дека верува оти сервисот на АА на индонезиски јазик ќе биде инструмент за формирање подобри односи меѓу Турција и Индонезија.
Исто така, Никен нагласи дека АА ќе фрли нова светлина во односите меѓу двете земји, особено во медиумската област. Таа додаде дека агенцијата ќе ги зајакне врските меѓу двете земји во повеќе области, како инвестиции, туризам и билатералните односи.
Амбасадорот на Турција во Џакарта, Ѓурбуз, истакна дека отворањето на канцеларијата на АА во Џакарта е една од важните пресвртници меѓу двете земји, чии односи се во развој.
Членот на Управниот одбр на АА, Пиртини, вели дека е многу среќен што присуствува на ова отворање и нагласи дека со оваа иницијатива на АА нема да се прават само вести, туку е создадена една широка врска меѓу двете земји.
- „Светските случувања можеме да ги следиме на нашиот јазик“ -
Главниот уредник на сервисот на АА на индонезиски јазик, Данди Косварапутра, истакна дека АА е првата меѓународна агенција што објавува на индонезиски јазик. Тој додаде дека со широката новинска мрежа на АА, која има 41 канцеларија и новинари во 90 земји во светот, ќе можат да ги следат светските случувања на нивниот јазик.
Истакнувајќи дека индонезиските медиуми покажуваат голем интерес кон сервисот на АА на индонезиски јазик, Косварапутра нагласи дека АА ќе донесе нова свежина во индонезиските медиуми.
АА во рамките на нејзината 100-годишна визија и целта да стане една од највлијателните агенции во светот, го додаде индонезискиот јазик во јазиците за објавување. Покрај вести на турски јазик, AA објавува и на англиски, арапски, БХС (босански, хрватски и српски јазик), француски, руски, курдски, македонски, албански и на персиски јазик.
АА продолжува да ја шири својата мрежа на јазици, а на 26 октомври, во четврток ќе го отвори сервисот на шпански јазик, со што бројот на јазици на коишто објавува вести ќе се искачи на 13.
news_share_descriptionsubscription_contact


