Bayram Altuğ
24 Октомври 2017•Ажурирај: 24 Октомври 2017
ЖЕНЕВА (АА) - БАЈРАМ АЛТУГ - Високиот комесар за бегалци при ОН (УНХЦР), Филипо Гранди, во разговор за АА истакна дека Турција, на глобален план, продолжува да биде великодушна земја-донатор, јавува Anadolu Agency (AA).
Гранди во разговор за АА зборуваше за Меѓународната конференција за помош на бегалците од Аракан, која вчера се одржа во Женева, во заедничка организација на Европската унија (ЕУ), Кувајт, УНХЦР и Канцеларијата за координација на хуманитарните работи на ОН (OCHA).
Тој истакна дека досега се собрани 335 од 434 милиони долари, колку што е неопходно за да се покријат основните потреби на араканските бегалци во Бангладеш.
„Задоволни сме со резулатот од конференцијата. Преку неа веќе обезбедивме три четвртини од неопходниот фонд од 434 милиони долари, наменет за бегалците“, изјави Гранди.
Тој истакна дека постојат голем број тешкотии кои треба да се надминат кога станува збор за Аракан и додаде:
„Кога ќе погледнеме, почетокот на овој проблем е во Мјанмар, па со тоа, и решението лежи токму во оваа земја“.
Гранди изрази благодарност до меѓународната заедница, Светската банка и до другите меѓународни организации кои покажаа солидарност со Владата на Бангладеш, но и чуствителност за долгорочно решавање на проблемите на араканските бегалци.
Тој потсети дека од 25 август наваму, од Мјанмар во Бангладеш побегнале повеќе од 600.000 Араканци, и нагласи дека во наредните шест месеци за нивните потреби неопходни се дополнителни 100 милиони долари.
„Долго време не сме виделе толку голема криза, која се случи мошне брзо“, изјави Гранди.
Високиот комесар потсети дека Турција обезбедила повеќе од 50 милиони долари за бегалците, поради што изрази особена благодарност до оваа земја.
„Она што особено сакам да го нагласам е дека Турција, на глобален план, и понатаму е една великодушна земја-донатор. УНХЦР, исто така, е светска организација којашто прима најголем број бегалци“, изјави Гранди.
ЕУ како помош за бегалците обезбеди 30 милиони евра, а Кувајт помош од 10 милиони.
Според зборовите на Мустафа Талха Кескин, координатор на турската хуманитарна организација ИХХ, оваа организација за мјанмарските бегалци ќе обезбеди 10 милиони долари.