Aleksandar Savanovic
13 Мај 2018•Ажурирај: 14 Мај 2018
НОВИ САД (АА) - Со екипната победа на Турција во финалните борби против репрезентацијата на Шпанија, денес во Нови Сад заврши 53. Европско првенство во карате, јавува Anadolu Agency (AA).
Денес се одржаa финалните екипни натпревари во кати во машка и женска категорија, како и борбите за победничкиот пиедестал во екипна конкуренција, а ги одбележаа репрезентациите на Шпанија и Турција во машка, како и Италија во женска конкуренција.
Италијанките беа најдобра екипа во изведување кати, победувајќи ги Шпанките во финалето, додека третото место во демонстрирањето на карате-вештините им припадна на екипите на Турција и Франција.
Во машка конкуренција, Шпанците во изведување кати триумфираа пред натпреварувачите од Руската Федерација, додека бронзениот медал го освоија репрезентациите на Турција и Италија.
Последниот натпревар за денес беше оставен за екипните борби на репрезентациите, каде што Турција ја совлада Шпанија со 3:1, додека бронзени медали освоија репрезентациите на Украина и домаќинот Србија.

Претседателот на Карате-федерацијата на Србија, Славољуб Пипер, рече дека со организирањето на овој натпревар поставени се два рекорда - учество на 519 спортисти од 51 земја, со што првенство го прави најмасовното натпреварување досега.
Најголема беше конкуренцијата во карате-борбите во машка категорија до 67 килограми каде што учествуваа дури 42 натпреварувачи од исто толку земји.
Македонскиот каратист Емил Павлов го освои златниот медал во категоријата до 60 килограми, победувајќи го репрезентативецот на Италија, Анџело Крешенцо.
Во генералниот пласман, најуспешната репрезентација на ова првенство е Шпанија, втора е Турција, а трета Италија. Турција и Италија имаат најмногу освоени медали, по 10. Шпанија е првопласирана бидејќи освои три златни, две сребрени и еден бронзен медал, додека Турција има три златни, еден сребрен и шест бронзени медали. Репрезентацијата на Италија освои два златни, три сребрени и пет бронзени медали.