Ali Cura
30 Јануари 2019•Ажурирај: 31 Јануари 2019
МОСКВА (АА) - Венецуелскиот претседател, Николас Мадуро, изјави дека американскиот претседател, Доналд Трамп, наредил негово убиство, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Доколку нешто ми се случи, за тоа се одговорни американскиот претседател Трамп и претседателот на Колумбија, Иван Дуке“, изјави Мадуро во интервјуто за руската агенција РИА.
Мадуро истакна дека властите на Соединетите Американски Држави (САД), јавен имот на Венецуела нелегално го дале на располагање на опозицискиот лидер и челникот на Парламентот, Хуан Гваидо. Тој додаде дека тој имот му припаѓа на народот на Венецуела, и дека од целата криза ќе излезе како победник.
На прашањето дали стравува дека би можел да биде жртва на обид за атентат, Мадуро изјави дека е христијанин и дека верува оти Бог е владетел на судбината на секој човек.
„Ние имаме добра разузнавачка служба и несомнено е дека Трамп издал наредба за мое убиство. Тој го нареди тоа на Владата и мафијата во Колумбија. Трамп и Дуке се одговорни доколку ми се случи нешто“, изјави Мадуро.
На прашањето да го прокоментира барањето на опозицијата и поголем дел од меѓународната заедница за одржување нови претседателски избори во Венецуела, Мадуро изјави дека на минатогодишните избори победил со 68 отсто освоени гласови и дека нема да подлегне на странските притисоци.
„Претседателските избори во Венецуела се одржани, а империјалистите доколку сакаат нови, мора да ја чекаат 2025 година“, порача Мадуро.
Мадуро изјави дека е подготвен да се состане со американскиот колега Трамп, но дека е уверен оти на Трамп таква средба не му дозволува неговиот советник за национална безбедност, Џон Болтон.
„Подготвен сум пред очите на нашите народи да се состанам со Трамп во Венецуела или во САД и да разговарам за сите теми. Уверен сум дека нашата средба би донела значајни промени, но мислам дека нема да му се дозволи да се состанеме. Трпеливо ќе чекаме“, изјави Мадуро.
Мадуро, исто така, изјави дека е подготвен во корист на иднината на Венецуела да преговара и со опозицијата во таа земја.
Американскиот претседател Трамп ја поддржа венецуелската опозиција и нејзиниот лидер, Хуан Гваидо, кој на 23 јануари се самопрогласи за шеф на државата.
Покрај САД, опозицијата на Венецуела во преземањето на власта ја поддржаа и Израел, Бразил, Аргентина, Канада, Чиле, Колумбија, Костарика, Еквадор, Гватемала, Панама и Парагвај.
Од друга страна, Турција, Иран, Русија, Кина, Боливија, Мексико, Куба и уште некои земји и понатаму го признаваат легитимитетот и ја поддржуваат власта на избраниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро.