Hasan Esen
20 Октомври 2016•Ажурирај: 21 Октомври 2016
БРИСЕЛ (АА) – Претседателите и премиерите на земјите-членки на ЕУ денеска во Советот на ЕУ разговараат за безбедноста на границите и договорите што треба да се постигнат со африканските земји по прашањето на бегалците, јавува Anadolu Agency (AA).
Лидерите на Европската Унија (ЕУ) на денешниот Самит се очекува да упатат остра осуда до Русија поради нападите врз цивилите во Сирија.
Потребно е да се постигнат нови договори во врска со бегалците кои доаѓаат од Африка, како што е договорот со Турција од 18 март за Егејското Море, по кој драстично е намален приливот на бегалци во тој дел.
- „Стратешки дебати“ со Русија -
Еден од најважните делови на Самитот на ЕУ е вечерата, на која тежиштето ќе биде ставено на Русија. Според дневниот ред на Самитот, на средбата ќе стане збор за „стратешки дебати“ на ЕУ со Русија и за улогата на Москва во Сирија, Украина и на Балканот.
Претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, во поканите за учество напишал дека цел на дискусиите е: „… да се заземе долгорочен став во релациите со овој значаен сосед“. Во писмото, зборувајќи за единството на Унијата наспроти Русија, Туск вели: „Досега, и покрај сите разлики, успеавме да опстанеме заедно и треба така да продолжиме“.
- Лидерите на ЕУ остро ќе ја осудат Русија -
Според извори на ЕУ, за нападите на Русија во Сирија нема да бидат воведени никакви санкции кон Русија, но ќе биде изразена осуда во врска со акциите што таа ги спроведува во Сирија.
Во нацрт-декларацијата е наведено: „Советот на ЕУ ги осудува режимот во Сирија, нивните сојузници, особено Русија, за нападите врз цивилите во Алепо. Се упатува повик тие (режимот на Сирија и Русија) да стават крај на злосторствата и да овозможат непречена испорака на хуманитарна помош во Алепо и во останатите делови од државата. Оние што не ги почитуваат хуманитарните закони и доставувањето на меѓународната хуманитарна помош, ќе бидат повикани на одговорност“.
Се очекува в понеделник, на состанокот на Советот на ЕУ за надворешни односи да се упати остра осуда до режимот на Сирија и неговиот сојузник Русија поради нападите во кои намерно се убиваат цивили и во кои цел е инфраструктурата. Се додава дека тоа може да биде окарактеризирано како воено злосторство. Ќе се побара и итен прекин на воздушните напади на Русија.
- Нема да се воведат санкции кон Русија -
Пред почетокот на Самитот на ЕУ, партиски групи од Европскиот парламент побараа од претседателот на Советот на ЕУ да бидат воведени санкции против Русија: „Потребно е да се изврши притисок врз Москва за да ги почитува одлуките на Советот за безбедност на ОН и меѓународните закони“.
Кон барањето за зголемување на санкциите за Русија се приклучи и германската канцеларка Меркел. Во Берлин, во рамките на „Форматот Нормандија“, со цел да се разговара за украинската криза, германската Канцеларка Ангела Меркел се сретна со францускиот претседател Франсоа Оланд, рускиот претседател Владимир Путин и со украинскиот претседател Петро Порошенко. Во врска со средбата со Путин, Меркел изјави дека била отворена и тешка дискусија. „И денеска не се случи чудо“, рече таа. Меркел додаде дека моментално најважното прашање е како да се обезбеди хуманитарна помош за луѓето во Алепо, и во таа насока нема да ги игнорира ниту опциите за санкции врз Русија.
- На дебатата за Русија ќе бидат разгледани „дезинформациите“ и „хакерските напади“ -
Дел од темите на средбите на лидерите на ЕУ ќе бидат „напорите во борбата против тероризмот“ и „дезинформациите“. Дел од овие разговори ќе бидат и сомневањата за хакерските напади на Москва врз електронската пошта на кандидатката за претседател на САД, Хилари Клинтон.
- Свои обраќања ќе имаат Британија и Холандија -
На ручекот треба да се обрати и премиерката на Британија, Тереза Меј. Се очекува таа пред лидерите на ЕУ да го најави излегувањето на Британија од ЕУ од март наредната година.
Претседателот на Холандија, Марк Рут треба да се обрати пред лидерите на ЕУ во врска со распишаниот референдум во Холандија за слободна трговска соработка меѓу Украина и ЕУ, кој со 61,1 отсто не беше прифатен. Колку и да не е обврзувачки овој референдум за холандската власт, тој го отежнува преземањето чекори од страна на ЕУ.
- Договорот со Канада е во опасност -
В петок, на дневен ред ќе биде трговскиот договор меѓу ЕУ и Канада. Противник на договорот за економска и трговска соработка ЕУ – Канада (CETA) е белгиската област Валонија.
Туск во својата покана наведува дека Советот на ЕУ има голема одговорност за договорот со Канада, додавајќи: „Сѐ уште има работа, но никако да најдеме некакво решение“.
За да се воведе слободната трговска размена, потребно е 28-те земји-членки на ЕУ да го потпишат договорот. Меѓу нив се наоѓа и Британија, која треба да го започне процесот за излез од ЕУ. За да го потпише договорот, потребно е белгиската Федерална влада да ги добие одобренијата од трите главни градови на областите Валонија, Фландрија и Брисел. Областа Валонија смета дека потпишувањето на овој договор е во интерес на големите држави и дека тоа ќе предизвика зголемување на невработеноста.