Ekipa
01 Февруари 2017•Ажурирај: 02 Февруари 2017
АТИНА (АА) - Според денешната пресуда на локалниот суд, осумтемина турски војници-пучисти вмешани во минатогодишниот неуспешен обид за државен удар на терористичката организација ФЕТО, ќе останат задржани во грчкиот притвор, јавува Anadolu Agecny (AA).
Управниот суд одлучи да ги задржи војниците во притвор, и покрај минатонеделната пресуда на Врховниот суд против нивното испорачување на Турција, објави грчкиот дневен весник „Катимерини“.
Претседателот на Управниот суд пресуди пучистите да останат во притвор додека нивните барања за азил не бидат процесуирани, објави весникот.
Друг грчки весник, „Прото тема“ објави дека притворот на војниците-пучисти ќе трае уште најмалку три месеци, додавајќи дека одлуката на управните судии се заснова на причините „јавен ред и национална безбедност“.
Поранешните турски војници ја напуштија Турција неколку часа по обидот за државен удар во Турција, кој се случи на 15 јули минатата година. Во обидот за пуч загинаа најмалку 248 лица, а повеќе од 2.100 беа повредени.
Пучистите во Грција пристигнаа со украден хеликоптер и побараа азил, тврдејќи дека нивните животи се загрозени во Турција.
Грчкиот Врховен суд минатата недела пресуди против нивно испорачување на Турција. Одлуката беше конечна, а жалба може да се поднесе само до Европскиот суд за правда.