Admir Fazlagic
13 Јули 2016•Ажурирај: 13 Јули 2016
СКОПЈЕ (АА) - Триесетдневен притвор им е изречен на велешаните Б.Х., осомничен дека бил организатор на мрежа препродавачи на дрога, и А.М., препродавач на дрога, откако вчера по наредба на јавен обвинител беа уапсени од страна на полицијата. Во случајот „Лотос“ се осомничени уште две лица, од кои едното веќе издржува затворска казна, а другото е притворено откако минатата недела беше фатено со дваесетина килограми марихуана, пренесува Anadolu Agency (AA).
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција издаде наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица за сторено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215, став 3, во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничени се лицата Б.Х., роден 1976 година, кој бил организатор на мрежата препродавачи на дрога, С.А., роден 1989 година, А.М., роден 1969 година и Д.Б., роден 1962 година, кои им ја препродавале дрогата на трети лица. Оваа група дилери на дрога, сите од Велес, работела на поширока територија на државата, па се очекува поголем број постапки што ќе се спроведуваат против осомничени лица од страна на надлежните основни јавни обвинителства.
„Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на судот му предложи определување на мерка притвор за двајца од осомничените, и тоа Б.Х и А.М. Предлогот беше прифатен од судот и со Решение на осомничените им е определен притвор во времетраење од 30 дена. Другите двајца осомничени веќе беа со изречена казна, односно мерка, и тоа лицето С.А. е на издржување на казна затвор за друго сторено кривично дело, исто така поврзано со наркотични дроги. Осомничениот Д.Б. е во притвор произлезен од друг, претходен предмет, по неговото неодамнешно лишување од слобода откако му беа пронајдени дваесетина килограми марихуана“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство на Република Македонија.
Се додава и дека истрагата продолжува во насока на разоткривање на случајот и прибирање на доказите во предметот.