Can Erözden
22 Октомври 2018•Ажурирај: 23 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Портпаролот на турската владејачка Партија за правда и развој (АK Parti), денес изјави дека убиството на новинарот Џамал Кашоги во саудискиот Конзулат во Истанбул е брутално планирано и многу комплицирано, јавува Anadolu Agency (AA).
Челик во седиштето на АК Партијата изјави дека сторителите вложиле многу напор да го прикријат убиството на новинарот Кашоги.
„Се надевам дека резултатите од истрагата ќе излезат на виделина, па одговорните ќе бидат казнети и дека веќе на никого нема да му паднат на ум такви работи“, порача Челик.
Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Џамал Кашоги, исчезна на 2 октомври по влегувањето во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
Турските безбедносни извори претходно потврдија дека Кашоги не ја напуштил зградата на Конзулатот, и дека во тој период во Конзулатот престојувале 15 саудиски државјани и службеници, кои со посебни летови дошле, а потоа и ја напуштиле Турција.
Турција и Саудиска Арабија формираа заедничка работна група која го истражува овој случај.
Спроведена е истрага во саудискиот Конзулат и во Резиденцијата на генералниот конзул на таа земја во Истанбул.
По неколкудневните тврдења дека не знаат ништо за судбината на Кашоги, властите на Саудиска Арабија вчера наутро соопштија дека Кашоги е убиен за време на наводна расправија во Конзулатот.
Истрагата за убиството и понатаму е во тек, а главна задача на истражителите е пронаоѓање на посмртните останки на Кашоги и утврдување на одговорните за убиството.
Турската полиција и понатаму спроведува максимални мерки на безбедност околу комплексот на саудискиот Конзулат во Истанбул.
Пред Конзулатот и понатаму има голем број новинарски екипи кои го следат развојот на ситуацијата.