Abdula Berisha
14 Декември 2022•Ажурирај: 15 Декември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје се одржува Регионална конференција за борба против корупцијата на која присуствуваат претставници од клучните институции надлежни за борба против корупцијата во регионот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Конференцијата ја организираат вицепремиерката на Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во соработка со Регионалната антикорупциска иницијатива и Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал.
Вицепремиерката Грковска во својот говор рече дека борбата против корупцијата не завршува никогаш, додавајќи дека со тоа се соочуваат сите општества.
Таа изрази задоволство за соработката со граѓанскиот сектор, додавајќи дека промените зависат од соработката на сите заедно.
„Јас немам илузии дека корупцијата целосно ќе ја победиме, но мора да покажеме видливи и конкретни резултати. Мора да создадеме услови за владеење на правото, за еднаквост пред законот, за еднаквост пред институциите. Сите ние имаме обврска да ја зајакнеме довербата на граѓаните во институциите“, рече Грковска.
Aмбасадорот на Европската Унија (ЕУ) во Скопје, Дејвид Гир, во својот говор рече дека е време за акција и дека декларативните изјави не се доволни.
Тој го поздрави тоа што е направено досега во борбата против корупцијата, но истакна дека Северна Македонија треба да направи многу повеќе, особено во овој период кога земјата преговара за членство во ЕУ.
„Сите со право жалиме поради фактот што младите го напуштаат регионот. Сепак, во исто време, анкети по анкети укажуваат на корозивниот ефект на корупцијата врз можностите за образование и работа како главен фактор што ги оддалечува“, рече евроамбасадорот Гир.
Тој, исто така, истакна дека е потребна промена на менталитетот и навиките, како и голема решителност во борбата против корупцијата.
Истакнувајќи дека корупцијата е присутна во сите земји, тој ги претстави податоците на Европската комисија, според кои трошоците од корупцијата за економијата на ЕУ се околу 120 милијарди евра годишно.
На првиот панел на конференцијата свои говори имаа и претставници од Велика Британија, Амбасадата на САД во Скопје, како и претставници на земјите од регионот.
Според организаторите, целта на конференцијата е да се унапреди регионалната соработка на земјите од Западен Балкан во борбата против корупцијата и незаконските финансии во регионот, во контекст на Берлинскиот процес.