Admir Fazlagic
13 Септември 2018•Ажурирај: 13 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, денеска во Стразбур се обрати во Европскиот парламент (ЕП) на покана на претседателот на ЕП, Антонио Тајани, пренесува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Заев во своето обраќање истакна дека ова е прво обраќање на премиер од Македонија, да се обрати на македонски јазик во Европскиот парламент.
„За нашиот македонски народ ова е историски момент. Ова е првпат, еден премиер на нашата земја да одржи говор пред Европскиот парламент, на својот, мајчин јазик“, рече Заев.
Тој пред европратениците и членовите на Европската комисија говореше за важноста за Македонија од склучувањето на Договорот за решавање на спорот за името со Грција, при што му се заблагодари на неговиот грчки колега Алексис Ципрас за постигнатиот договор.
Во своето обраќање, премиерот Заев се осврна на 30 септември оваа година и рече дека тоа е референдум за втората независност.
„За Република Македонија, тоа е можност која толку долго ја чекавме. Во 1991 година гласавме за независност. На референдум. Сега, повторно на референдум треба да го направиме следниот чекор: да создадеме реална можност да станеме 30. земја членка на НАТО, и да го започнеме, да затвораме поглавје по поглавје до членството во Европската Унија, во европското семејство. Референдумот на 30 септември е многу повеќе отколку само референдум за Договорот од Преспа. Тоа е референдум за иднината. Тоа е референдум за нашата втора независност“, потенцираше Заев.
Премиерот на Македонија додаде дека решавањето на спорот за името може да послужи како пример за решавање на други билатерални спорови.
„Сакаме да послужиме како пример и инспирација за решавање на сите билатерални прашања на Западен Балкан и даваме силна поддршка на изнаоѓањето одржливи решенија, засновани на европските вредности и меѓународното право, кои трајно ќе го стабилизираат регионот и ќе го подготват за интеграција во ЕУ“, истакна македонскиот премиер.
Меѓу другото, премиерот Заев рече дека успешен Балкан е „Балкан интегриран во Европската Унија“.
„Оваа визија нѐ мотивираше да го направиме историскиот чекор и со тоа да ги поттикнеме процесите на помирување, градење заедништво и сојузништво во регионот“, рече Заев.
Инаку, за денеска е најавена посета на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини на Македонија, која треба да се состане со премиерот Заев, а се очекува потоа да имаат обраќање до медиумите во Старата скопска чаршија.