Elena Trenchevska Chekovic
22 Ноември 2025•Ажурирано: 23 Ноември 2025
СКОПЈЕ (АА) – Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, упати честитка по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука истакнувајќи дека тој претставува силен симбол на просветителскиот напор, културната зрелост и историскиот опит на албанскиот народ, пренесува Анадолу.
„Пред 117 години унифицираната азбука го започна своето патување од Конгресот во Битола, како најважен комуникациски код на еден народ, за денес да се потсетиме дека јазикот и писмото се темелни вредности коишто го обликуваат колективниот идентитет и ја зајакнуваат духовната поврзаност меѓу генерациите“, вели Сиљановска-Давкова во пораката.
Таа посочи дека почитта кон јазикот и кон писмото на секоја заедница ја зајакнува „социјалната кохезија и го сплотува македонското мултиетничко општество“, и додаде дека албанскиот јазик е дел од раскошниот мозаик на различностите што е влог во иднината на заедничката татковина.
„На овој празник изразуваме признание за вашиот континуиран придонес за развојот на образованието и културата во општествениот живот со кој се збогатува нашата заедница“, заклучи Сиљановска-Давкова во честитката порачувајќи дека заедничкото градење на државата продолжува во духот на почит, еднаквост и единство.