Bayram Altuğ
07 Октомври 2019•Ажурирај: 08 Октомври 2019
ЖЕНЕВА (АА) - БАЈРАМ АЛТУГ - Заменик генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Панос Мумцис, во врска со можната операција на Турските вооружени сили (ТСК) во источниот дел на Еуфрат истакна дека Турција на ОН им ги дала потребните гаранции за хуманитарните прашања, и дека се подготвени за многу блиска координација со Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Мумцис даде изјава за АА, во која говореше за можната операција на ТСК во источниот дел на реката Еуфрат.
Тој нагласи дека Турција игра исклучително позитивна улога во насока на поддржување на хуманитарните операции во Сирија, и дека Турција е земја која угостува најмногу бегалци, зборувајќи со пофалби за гостопримството на турскиот народ.
„Со мои очи видов кога бев во Турција. Турскиот народ ги почитува Сиријците и ја почитува нивната чест. Тоа е бесценето“, рече тој.
„Меѓународната заедница треба да продолжи да ја поддржува великодушноста која Турција ја покажува кон бегалците“, нагласи Мумцис, додавајќи дека поддршката која земјите членки на ЕУ, како и другите земји, ѝ ја даваат на Турција е недоволна, и дека треба да се направи повеќе.
Мумцис истакна дека Турција им дава целосна поддршка на хуманитарните операции на ОН во Идлиб и околината, упатувајќи благодарност до Турција.
Тој нагласи дека се подготвени и во многу блиска координација со турската Влада и Војска во врска со можната операција на ТСК во источниот дел на Еуфрат. Според него, 700.000 цивили имаат потреба од хуманитарна помош во регионот.
„Со Турција ќе бидеме во многу блиска координација, подготвени сме за тоа“, додаде тој.
Мумцис рече дека Турција дала гаранции дека за време на можната операција ќе ги заштити хуманитарните принципи и вредности.
„Како ОН, ќе продолжиме да ја развиваме уште повеќе нашата постоечка соработка и добри односи со турската Влада“, нагласи Мумцис.