Alaattin Doğru
25 Ноември 2019•Ажурирај: 25 Ноември 2019
ДАКАР
Во источниот дел на африканската држава Демократска Република Конго падна авион врз населено место. Во несреќата бројот на загинати се искачи на 29 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според вестите објавени во локалните медиуми, авион од типот „Dornier-228“ на компанијата „Busy Bee“, кусо време по полетувањето се урнал во населбата Бирере на градот Гома.
Претставник на компанијата информираше дека во авионот се наоѓале 19 лица, од кои 17 патници и 2 члена на екипажот. Оттаму претпоставуваат дека можна причина за паѓањето на авионот е некаков технички проблем.
Директорот на Заштитата на цивилното воздухопловство, Џозеф Макунди, соопшти дека на местото на несреќата се пронајдени 29 тела.
Макунди информираше дека од 19 лица што се наоѓале во авионот, едно лице се спасило, а 18 ги загубиле своите животи. Тој истакна дека останатите 11 загинати се лица кои живееле на подрачјето на населеното место во кое се урнал авионот.
Властите соопштија дека во болница се наоѓаат 16 лица кои се под лекарски третман.
Мисијата за стабилност на ОН (MONUSCO) на местото на несреќата испратила две противпожарни возила и една спасувачка екипа.
Се вели дека пилотот на авионот при полетувањето излетал од пистата, по што започнал да изведува маневри во воздухот и по 3 минути се урнал врз куќите во населбата што се наоѓа недалеку од аеродромот.
Од друга страна, на социјалните мрежи се објавени снимки на кои се гледа како се издигнуваат облаци чад од местото на кое се урнал авионот.