Muhammed Emin Canik
21 Септември 2022•Ажурирај: 27 Септември 2022
БУЕНОС АИРЕС (АА) - Бројот на шумските пожари во првите девет месеци од оваа година што ја зафатија бразилската Амазонија, најголемата прашума во светот, ги надмина пожарите што беснееја во цела 2021 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бразилските медиуми објавија вест според податоците на Националниот институт за вселенски истражувања (INPE), во која се наведува дека минатата година во Амазонија беснееле 75.090 шумски пожари, додека од почетокот на годината досега, во амазонските шуми избувнале 76.587 шумски пожари.
Во веста се вели дека е евидентирано дека во споредба со истиот период минатата година, повеќето пожари во регионот се случиле во периодот од мај досега. Само за една недела во септември се регистрирани 18.374 пожари, што е приближно 10 отсто повеќе отколку во септември 2021 година.
Организацијата за заштита на животната средина „Гринпис“ (Greenpeace) информира дека годишната просечна стапка на уништување на шумите во регионот е зголемена за 75 отсто во споредба со претходната деценија, откако функцијата претседател на Бразил ја презеде Жаир Болсонаро во јануари 2019 година, што е спротивно на ветувањето на Владата за нула уништување на шумите.
Експертите посочуваат дека поголемиот дел од шумските пожари во Амазонија се предизвикани од луѓе кои се занимаваат со нелегално земјоделство и сточарство, кои се обидуваат да отворат земјени површини палејќи ги шумите.
Некои невладини организации тврдат дека зголемувањето на девастацијата на шумите во Амазонија, освен поради намалената борба на Владата предводена од Болсонаро против нелегалното земјоделство и рударство, е предизвикано и поради занемарувањето на мерките како што се паричните казни и уништувањето на опремата во заштитените подрачја.
Бразилскиот претседател Болсонаро, кој пред да ја преземе функцијата вети дека ќе ја отвори Амазонија за комерцијална употреба и планира повторно да се кандидира на општите избори закажани во октомври, на Самитот за климата одржан во април 2021 година вети дека ќе го намали на нула нелегалното уништување на шумите во неговата земја до 2030 година.