Zehra Ulucak
04 Јануари 2020•Ажурирај: 05 Јануари 2020
СИДНЕЈ
Од септември Австралија е зафатена од пожари кои повремено ги зафаќаат и населените места. Во овие пожари досега животот го загубија 23 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот на Австралија, Скот Морисон, информираше дека како поддршка во борбата со пожарите, што уште беснеат во некои подрачја, ќе испрати 3.000 војници.
Во изјавата дадена за медиумите, премиерот Морисон рече дека досега во пожарите животот го загубиле 23 лица и додаде: „Во последно време, особено оваа недела, видовме дека оваа катастрофа се искачи на ново ниво. Во текот на следните 24 часа се соочуваме со друга потешкотија (зголемување на температурата).“
Морисон посочи дека општеството има потреба од дополнителна помош поради пожарите, подвлекувајќи дека со дозвола на гувернерот, како поддршка на подрачјата зафатени од пожарите, се распоредени воени единици.
Морисон соопшти дека се откажани најавените посети на Индија и Јапонија.
Премиерот на Австралија информираше и за досега направените трошоци, велејќи дека за изнајмување на 4 авиони за гаснење на пожарите во кризниот период платени се 20 милиони австралиски долари (14 милиони долари). Тој рече дека бродот „HMAS Adelaide“ на австралиската Морнарица е испратен на брегот на државите Нов Јужен Велс и Викторија, кои се зафатени од пожарите, со цел да помогне во евакуацијата на луѓето.
На некои места во источните и јужните делови на земјата се очекуваат силен ветер и високи температури, поради што постои загриженост дека тоа би можело да ги зголеми пожарите, кои би ги зафатиле и населените места.
Од друга страна, во пожарите, што од септември продолжуваат на различни точки, е уништена површина од околу 5 милиони хектари, а во државите Нов Јужен Велс, Викторија и Јужна Австралија се пеплосани повеќе од 1.500 куќи.
- Илјадници лица почнаа да ги напуштаат местата на кои се наоѓаат
Со приближувањето кон населените места на пожарот, кој е активен во подрачјето на крајбрежниот град Малакута во државата Викторија, илјадници луѓе засолниште побараа на морскиот брег. Со цел да бидат евакуирани овие луѓе, вчера на тоа подрачје беа испратени бродовите „MV Sycamore“ и „HMAS Choules“ на австралиската Морнарица.
Премиерот на државата Викторија, Даниел Ендрјус, прогласи „катастрофална состојба“ за 6 подрачја и одморалишта, вклучувајќи го тука и градот Малакута.
Во некои делови на Викторија од луѓето е побарано да се евакуираат оние што живеат покрај автопатиштата, по што се создадоа долги колони на железничките станици.
Власта информираше дека поради пожарите, вчера на ниво на целата земја нема информации за 28 лица.
Од друга страна, властите на Нов Јужен Велс завчера побараа од туристите пред да дојде викендот под итно да го напуштат јужниот брег во должина од 250 километри.
Во некои делови на државата илјадници лица ги напуштаат местата на кои се наоѓаат.
Властите информираа дека се создадени долги колони од автомобили на патиштата што водат кон Сиднеј и Камбера, додавајќи дека поголемиот дел од луѓето што се наоѓаат на патиштата се лица што го прекинале својот одмор.
Возилата создадоа долги колони пред супермаркетите и бензиските станици.