Ekip
29 Август 2021•Ажурирај: 30 Август 2021
САНА
Најмалку 30 јеменски војници се убиени, а 60 се ранети во ракетниот напад на Хусите на воената база „Ал-Анед“ во Лахиџ во јужен Јемен, изјави портпаролот на јужните сили на Јемен, Мохамед ал-Накеб, известува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот Накеб информираше дека балистичка ракета ја погодила базата „Ал-Анед“ сместена во јужната провинција Лахиџ.
Хусите не објавија никакво соопштение во врска со нападот.
Воената база „Ал-Анед“, што се наоѓа 60 километри северно од Аден, на југот од земјата, е една од најголемите воени бази во Јемен.
Во Јемен, каде што веќе долго време владее политичка нестабилност, се случуваат судири меѓу Хусите и силите поврзани со Владата.
Хусите ја имаат контролата врз главниот град Сана и некои региони од септември 2014 година. Конфликтот ескалираше една година подоцна кога Саудиска Арабија и нејзините арапски сојузници застанаа на страната на Владата на Јемен и почнаа да изведуваат воздушни напади врз позициите на бунтовниците.
Според податоците на Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарната помош, во судирите животот го загубиле повеќе од 233.000 лица.