Ekipa
21 Јануари 2020•Ажурирај: 23 Јануари 2020
ДАВОС (АА) - Младата активистка Грета Тунберг порача дека политичките и економските лидери не ја сфаќаат сериозно заканата за глобалното затоплување, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Тунберг како панелистка на Светскиот економски форум во Давос отфрли некои од мерките кои ги заговараат владите и компаниите, како поставување долгорочни цели за намалување на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина и садење милијарди стебла за да се намалат алармантните количества јаглероден диоксид во атмосферата.
„Секако дека садењето дрвја е добро, но тоа не е ни приближно доволно“, изјави Тунберг.
Таа ги обвини лидерите дека „мамат“ со бројките кога зборуваат за намалување на емисиите и нивно сведување на нула.
Тинејџерката истакна дека нејзината порака е заснована на научни факти, а не на ирационален страв.
„Мојата генерација нема да се откаже без борба“, порача Тунберг.
Во швајцарското гратче на Алпите, Давос, денеска започна јубилејлниот 50. Светски економски форум (WEF), на кој учествува економската, политичката и општествената светска елита.
Главна тема на овогодишниот форум на кој учествуваат најмалку 3.000 претприемачи, политичари, експерти, активисти и други официјални лица од вкупно 117 држави е изградба на хармоничен и одржлив свет.