Mohamed Sabry Emam Muhammed
15 Ноември 2016•Ажурирај: 16 Ноември 2016
КАИРО (АА) - Египетскиот касационен суд денес ја укина смртната казна изречена на поранешниот египетски претседател, Мухамед Морси, кој беше соборен со воен удар во 2013 година, и нареди повторно да му се суди во случајот познат како „Масовно бегство од затвор во 2011 година“, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Египетскиот суд ја прифати жалбата на Морси и на други обвинети лица на минатогодишната пресуда и нареди повторно судење“, изјави судски извор за АА.
Со оваа пресуда, првиот демократски избран претседател на Египет, сменет со воениот удар во 2013 година, беше ослободен од смртната казна.
Египетскиот суд во јуни минатата година ја потврди пресудата со која поранешниот египетски претседател Мухамед Морси е осуден на смртна казна поради масовното бегство од затвор за време на револуцијата во 2011 година. Морси заедно со други обвинети лица побегна од затворот Вади Натрун за време на бунтот во 2011 година, кога беше симнат од власт тогашниот претседател Хосни Мубарак кој 30 години ја водеше земјата.
Во случајот „Бегство од затвор“ на смрт се осудени вкупно 100 лица, на доживотен затвор 21 лице, а на две години затвор се осудени осум обвинети лица.
Претходно судот донесе и пресуда во која Морси и 16 обвинети лица беа осудени на доживотен затвор врз основа на обвинението за шпионажа.
Морси како прв демократски избран лидер на Египет, беше соборен од страна на војската во јули 2013 година, а соочен е со пет одделни судења поради кривични пријави, вклучувајќи и шпионажа, и навреда на правосудството. Морси, како и другите обвинети лица, смета дека обвиненијата против нив се политички мотивирани.