Adam Abu-bashal
24 Декември 2020•Ажурирај: 25 Декември 2020
АБУЏА
Во експлозија на танкер во нигериската федерална држава Квара, според првичните проценки, животот го загубија 6 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според вестите објавени во националните медиуми, на бензиска пумпа што се наоѓа на Автопатот Гаика - Џеба, од засега непознати причини експлодирал танкер за време на дотурот на горивото што го транспортирал.
Според првичните проценки, во експлозијата животот го загубија 6 лица. Голем е бројот на повредени, а 30 куќи се запалија и изгореа до темел.
Претставниците на власта ја изразија својата загриженост од зголемување на бројката на загинати.
Од друга страна, Хакем Адекунде, портпаролот на Службата за противпожарни услуги на Квара, го потврди настанот, но не даде податоци за бројката на загинати.
Адекунде информира дека на местото на несреќата се испратени екипи за брза интервенција и додаде дека пожарот е ставен под контрола.