Murat Temizer
29 Мај 2018•Ажурирај: 29 Мај 2018
АНКАРА (АА) - Шефицата за комуникации на ТАП, Лиса Гиверт, изјави дека Трансјадранскиот гасовод (ТАП) кон крајот на април оваа година е завршен повеќе од 72,5 отсто, вклучувајќи ги инжинерингот, набавката и изградбата, јавува Anadolu Agency (AA).
Таа за АА изјави дека проектот на ТАП се одвивал според планираното.
ТАП е 878-километарски прекуграничен гасовод, кој во моментов е во изградба, кој се протега од грчко-турската граница преку Грција, Албанија и Јадранското Море до Италија. На почетната точка, ТАП ќе се поврзе со Трансанадолскиот гасовод (ТАНАП) во Турција.
Гиверт појасни дека во Грција од средината на мај, од рутата на гасоводот биле расчистени 539 километри, околу 525 километри од цевките биле поставени, над 514 километри споени, 434 километри затрупани.
„Во Албанија речиси 193 километри се расчистени по должината на рутата, 186 километри од цевките се поставени, 180 километри се споени, 162 километри затрупани“, вели Гиверт.
„Ова значи дека меѓу Грција и Албанија, ТАП сега има расчистено и подредено 95 отсто од својот коридор - односно околу 733 километри од 765 километри. Дополнително, споивме 90 отсто од челичните цевки и околу 78 отсто од цевките се веќе во земјата (затрупани)“, додаде таа.
„Изведувачот на ТАП, „Saipem“, моментално работи во областа на микротунелот. По завршувањето на поголемиот дел од подготвителните работи, тие ќе го завршат копањето со цел да се овозможи изградбата на микротунелот“, рече таа.
Проектната компанија „TAP AG“ е конструктор, сопственик и оператор на проектот. Партнери на проектот се „British Petrol“ (Велика Британија), „Snam SpA“ (Италија), „Southern Gas Corridor Company“ (Азербејџан) секои од нив со 20 отсто од акциите. „Fluxys SA“ (Белгија) има 19 отсто од акциите, „Enagas“ (Шпанија) има 16 отсто и „Axpo Trading“ (Швајцарија) има 5 отсто акции.