ЛОНДОН (АА) - Британската Конзервативна партија вчера победи на генералните избори откако обезбеди повеќе од 326 пратенички места во Долниот дом на Парламентот, според резултатите објавени во 644 од 650 изборни единици, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според резултатите, конзервативците предводени од Борис Џонсон сега имаат законодавно мнозинство во Парламентот.
Ториевците освоија 360 места во Долниот дом на Парламентот.
Џонсон во неговиот победнички говор откако го обезбеди своето место во изборните единици Уксбриџ и Јужен Рајслип им се заблагодари на сите што гласале.
„На конзервативната Влада ѝ е даден моќен нов мандат да го спроведе Брегзит, и не само да се изврши Брегзит туку и да се обедини оваа земја и да се одведе напред“, изјави Џонсон.
- Лабуристичка партија -
Лабуристичката партија во спротивно ги има најлошите резултати во неколку децении. Партијата досега освои 203 места, при што изгуби десетици места што ги имаше во 2017 година.
Зборувајќи во својот победнички говор, откако го освои своето традиционално место во изборната единица Северен Ислингтон, Џереми Корбин изјави дека ќе продолжи да ја води партијата за време на процесот на размислување, навестувајќи ја својата оставка.
„Исто така сакам да разјаснам дека нема да ја водам партијата во која било идна генерална изборна кампања“, изјави Корбин.
„Ќе дискутирам со нашата партија за да обезбедам дека сега постои процес на размислување за овој резултат и на политиките кои партијата ќе ги преземе одејќи напред“.
- Шкотска национална партија -
Шкотската национална партија (SNP) обезбеди 48 места, при што ова може да се смета за успех, за разлика од резултатите од предвремените избори во 2017 година.
Партијата има за цел да одржи втор референдум за независност во 2020 година, доколку Шкотска биде повлечена од Европската Унија против својата волја. Мнозинството гласачи во Шкотска избраа да останат во ЕУ на референдумот во 2016 година.
Лидерката на партијата, Никола Стерџен, рече дека резултатот им дал посилен мандат за вториот референдум за независност.
- Либерално-демократска партија -
Лидерката на Либерално-демократската партија, Џо Свинсон, стана единствената лидерка што досега изгуби пратеничко место. Тесно изгуби од кандидатот на Шкотската национална партија (SNP) во изборната единица Источен Данбартоншир.
Свинсон рече дека борбата за место како лидер на партијата е „посебен предизвик“, додавајќи дека таа е пратеник во Источен Данбартоншир веќе 12 и пол години.
Нејзината партија не успеа да го достигне предвидениот успех со ветувањето дека ќе го откаже Брегзит доколку дојде на власт, при што освои 11 места.
- Партија Брегзит -
Партијата Брегзит на Најџел Фараж досега не успеа да освои ниту едно место, но тоа е затоа што оваа партија не се бореше во повеќето изборни единици за заминување против ториевците.
Независните кандидати освоија 22 места во Претставничкиот дом.