Safiye Karabacak
30 Август 2020•Ажурирај: 01 Септември 2020
ГАЗА (АА) - Претседателот на политичкото биро на Хамас, Исмаил Ханије, истакна дека продолжуваат контактите за ставање крај на блокадата врз Појасот Газа од страна на Израел, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Вложуваме голем напор и продолжуваме со контактите со цел исполнување на барањето на народот за ставање крај на блокадата во Газа, и со цел да се спасиме од ефектите на катастрофата предизвикана откако Ковид-19 влезе во овој регион“, нагласи Ханије во соопштението.
Тој рече дека има доверба во улогата која Египет и Катар ја играат во оваа насока, како и на напорите за посредство на Мухамед ел Имади, претседател на катарскиот Комитет за обнова на Газа.
Според него, главниот проблем е окупацијата и тоа што окупаторите не ги прифаќаат праведните барања на населението во Газа.
„Исклучително отворено истакнуваме дека нашата одлука и одлуката на нашиот народ е ставање крај на сите форми на оваа неправедна блокада“, додаде Ханије.
Инаку, претседателот на катарскиот Комитет за обнова на Газа, Имади, синоќа оствари разговори со претставници на Хамас и Израел со цел ставање крај на тензиите меѓу двете страни кои се интензивираа на почетокот на овој месец.
Израел од 2006 година под копнена, поморска и воздушна блокада го држи Појасот Газа, каде што живеат околу 2 милиони Палестинци.