Zehra Ulucak
20 Ноември 2017•Ажурирај: 21 Ноември 2017
НЕЈПИДО (АА) - Високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, истакна дека ЕУ верува оти треба да се прекине насилството во Аракан, јавува Anadolu Agency (AA).
Могерини ја предводи европската делегација на 13. Самит на министрите за надворешни работи од Азија и Европа, кој денес започна во главниот град на Мјанмар, Нејпидо. Таа во изјава за медиумите нагласи дека треба да се работи на спроведувањето на препораките на Советодавната комисија за Аракан, со која претседаваше Кофи Анан, поранешен генерален секретар на Обединетите нации (ОН).
Могерини рече дека ја охрабрила министерката за надворешни работи и државна министерка задолжена за работата на Претседателството на Мјанмар, Аунг Сан Су Чи да се реализираат препораките на Советодавната комисија, со цел обезбедување стабилност во земјата.
Исто така, Могерини истакна дека со поддршка на ЕУ и на меѓународната заедница ги охрабриле Бангладеш и Мјанмар да работат на ова прашање. „Веруваме дека треба да се прекине насилството во Аракан и понатамошниот тек на бегалците, како и да се обезбеди непрекинато доставување на хуманитарната помош во Аракан и безбедно враќање на бегалците во нивната земја“, рече таа.
Советодавната комисија за Аракан, основана со цел да се истражат случаите на прекршување на човековите права во Аракан, на 23 август, до мјанмарската влада поднесе конечен извештај од истрагите во Аракан.
На 24 август, кабинетот на Су Чи го сподели овој извештај со јавноста, а во него се наведува дека решението за проблемите во регионот е поврзано со економскиот и социјалниот развој на тој регион. Исто така, се истакнува дека економските ресурси треба праведно да се споделуваат меѓу федералната и државната управа.
Во споменатиот извештај, се упатува апел да им се плати надомест на оние граѓани чии земјишта се запленети, а араканските муслимани да добијат статус на државјани. Во извештајот, исто така, се бара арканските муслимани да имаат исти права и слободи како другите државјани, и се истакнува дека владата треба да обезбеди право за слободно движење за сите жители на Аракан, без оглед на нивниот верски и етнички статус.
Во соопштението објавено на 15 ноември, од страна на кабинетот на Могерини, се наведува дека овогодишната тема на 13. Самит на министрите за надворешни работи од Азија и Европа ќе биде „Зајакнување на партнерството за мир и одржлив развој“.
Како што се наведува во соопштението од кабинетот на Могерини, Самитот на министрите за надворешни работи од Азија и од Европа претставува подготовка за 12. Самит на АСЕМ, кој наредната година ќе се одржи во Брисел, каде што ќе се разговара околу темите како безбедност, економија, борба против тероризмот и насилниот екстремизам.