Ömer Faruk Yıldız
26 Март 2021•Ажурирај: 27 Март 2021
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Здружението за помош на политичките затвореници (AAPP) денеска соопшти дека од 1 февруари и тогашниот воен удар во Мјанмар се убиени најмалку 320 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Вистинскиот број на жртви веројатно и значително е поголем, а ние ќе продолжиме да ја следиме ситуацијата“, се наведува во соопштението на меѓународната невладина организација со седиште во Тајланд.
Во соопштението се наведува дека во изминатите 24 часа бројот на загинати лица во Мјанмар е зголемен за 34.
Исто така се наведува дека мјанмарската војска убила најмалку 264 лица, додека убиствата на уште 56 лица не се расветлени.
„Воената хунта за време на репресивните интервенции користи огнено оружје, киднапира и апси луѓе. Го прави тоа за да шири страв, но луѓето продолжуваат да протестираат“, наведуваат од AAПП.
Војската за независност на Качин (KIA) соопшти дека се противи на воениот удар и дека ќе ги штити демонстрантите во таа мјанмарска покраина.
Борците на КИА синоќа зазедоа една касарна на војската на Мјанмар во Качин. Портпаролот на таа група, Нав Бу, изјави дека борбите траеле 11 часа и дека КИА презела контрола над касарната во местото Алав Буам на мјанмарската граница со Кина.
Мјанмарската војска на 1 февруари оваа година изврши удар и ја презеде власта во земјата под изговор дека ноемвриските избори биле нерегуларни.
Војската прогласи едногодишна вонредна состојба и ги уапси челниците на Владата, вклучувајќи ја и мјанмарската лидерка Аунг Сан Су Чу. Масовните протести против воениот удар започнаа на 6 февруари.
Обединетите нации, Европската Унија и голем број земји, како Турција, САД, Канада и Велика Британија најостро го осудија воениот удар во Мјанмар.