Ayşe Doğru
18 Јануари 2022•Ажурирај: 20 Јануари 2022
ЏАКАРТА (АА) - Индонезија ќе го именува како „Нусантара“ својот главен град, што ќе го пресели од Џакарта на островот Јава, во провинцијата Источен Калимантан на островот Борнео, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за планирање за национален развој, Сухарсо Моноарфа, изјави дека претседателот Џоко Видодо го избрал името „Нусантара“, што значи „архипелаг“, меѓу 80-те имиња затоа што ја одразува географијата на Индонезија и има меѓународна симболика, објави „Гардијан“.
Оваа одлука на претседателот Видодо наиде на критики бидејќи називот Нусантара веќе се користи за цела Индонезија и би било збунувачки.
Изградбата на Нусантара би требало да започне оваа година, откако Парламентот денеска го усвои Предлог-законот за новиот главен град.
Во рамки на проектот, Џакарта ќе остане трговско и финансиско средиште на земјата, додека административната престолнина, во која ќе бидат владините институции, ќе биде во Источен Калимантан, кој е четирипати поголем од Јава и е 2.000 километри североисточно од Џакарта.
Индонезиската Влада сака да го премести сегашниот главен град Џакарта, со 10 милиони жители, поради природните катастрофи како поплавите што се случуваат секоја година, инфраструктурните проблеми и прекумерното користење на подземните води кои предизвикуваат брзо тонење на северните делови на градот.
Владата на Видодо, исто така, има за цел да го намали оптоварувањето на островот Јава, на кој живее над 60 отсто од населението во земјата и се одвиваат повеќе од половина од нејзините економски активности, и да го прошири националното богатство низ целата земја.
Еколозите предупредуваат дека овој потег ќе го зголеми загадувањето во Источен Калимантан, каде што прашумите се дом на орангутаните, сончевите мечки и долгоносните мајмуни.