Nuri Aydın
14 Јуни 2022•Ажурирај: 15 Јуни 2022
АНКАРА (АА)
– Нури Ајдин
Околу 40 отсто од 118,5 милиони единици крв што се даруваат годишно на глобално ниво се даруваат во високо развиените земји, каде што живее околу 16 отсто од светското население.
Денеска се одбележува Светскиот ден на крводарителството со цел да се подигне свеста за дарувањето крв што може да спаси животи.
Светскиот ден на доброволните крводарители се одбележува со цел да се подигне свеста за потребата од безбедна крв и крвни компоненти и да се нагласи важноста на доброволните, неплатени крводарители за здравствениот систем.
Се организираат доброволни крводарителски акции со цел да се обезбедат доволно залихи на крв и крвни компоненти, кои би можеле да се искористат во итни случаи кога се загрозени животите на луѓето.
Дополнително, дарувањето крв има позитивно влијание врз здравјето на дарителот.
- Дарувањето крв на високо ниво во развиените земји
Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека околу 40 отсто од речиси 118,5 милиони единици крв што се даруваат годишно на глобално ниво се даруваат во богатите земји, каде што живее околу 16 отсто од светското население. Стапката на дарување крв во овие земји е 3,1 отсто, во средно развиените земји 1,6 отсто, а во неразвиените земји 0,5 отсто.
Од 60 земји со стапка на дарување крв под еден отсто, 34 се на африканскиот континент, девет на Западниот Пацифик, пет во Југоисточна Азија, четири на американско тло, четири на бреговите на Медитеранот и четири во Европа.
Околу 54 отсто од даруваната крв во неразвиените земји се дава на деца под петгодишна возраст, а во земјите со високи приходи околу 76 отсто од даруваната крв се дава на пациенти постари од 60 години.
Светскиот ден на крводарителството и сезонските кампањи за дарување крв придонесоа за подигнување на свеста кај луѓето, а забележителен е и пораст на процентот на крводарителство.
СЗО соопшти дека глобалната стапка на дарување крв се зголемила за 10,7 милиони единици од 2008 до 2018 година. Најголем пораст во наведениот период од 127 отсто е забележан во Југоисточна Азија, а пораст од 81 отсто е забележан во САД и Африка.
Во 79 земји, повеќе од 90 отсто од крвта се дарува од доброволни крводарители, додека во 54, повеќе од 50 отсто е обезбедена од членови на семејството, резерви или станува збор за платено дарување.
Околу 33 отсто од крводарителите во светот се жени, а 67 отсто мажи.
СЗО советува сите активности поврзани со собирање, тестирање, складирање и трансфузија на крв да бидат координирани на државно ниво преку активни и интегрирани мрежи.
- Во Туркије стапката на дарување крв како и во периодот пред пандемијата
Турската Црвена полумесечина објави дека стапката на дарување крв во Туркије (Турција) во првиот квартал од 2022 година е иста како и пред пандемијата.
И покрај пандемијата, 2.429.302 единици беа донирани во Туркије во 2020 година, а 2.751.692 следната година.
На Туркије годишно ѝ требаат околу три милиони единици крв.
Експертите истакнуваат дека секој здрав поединец на возраст меѓу 18 и 65 години, кој има повеќе од 50 килограми, може да дарува крв.