Amina Zorniç
16 Ноември 2016•Ажурирај: 17 Ноември 2016
АБУЏА (АА) - Експертите на Обединетите нации (ОН) предупредуваат дека во Нигерија, 75.000 деца може да умрат од глад во следните неколку месеци, јавува Anadolu Agency (AA).
Петар Лундберг, хуманитарниот координатор на ОН, тврди дека кризата во Нигерија, во секоја смисла, се одвива со голема брзина.
Терористичката група Боко Харам, која со нападите ја опустоши западноафриканската држава се смета за најодговорна за катастрофалната состојба.
Лундберг денеска се обрати во главниот град на Нигерија, Абуџа. Тој истакна дека според процената на ОН, 14 милиони Нигеријци во моментов имаат потреба од итна хуманитарна помош.
„Од нив, на 400.000 деца очајно им е потребна помош, а 75.000 деца би можеле да умрат од глад во наредните месеци“, рече Лундберг.
Тој посочи дека ОН нема доволно пари за да ја спречи кризата во Нигерија и ги повика меѓународните донатори да подадат рака на помош.
Напуштајќи ги своите градови во североисточниот дел, каде што најмногу делува Боко Харам, голем број Нигеријци заминуваат во Нигер, Чад и во Камерун. Се верува дека 157.000 жители се раселени во Камерун, 74.800 во Чад, а повеќе од 127.000 во Нигер.
Фондот на Обединетите нации за деца (УНИЦЕФ) соопшти дека половина милион деца во областа околу езерото Чад страдаат од тешка акутна неухранетост.