Ekipa
18 Април 2019•Ажурирај: 21 Април 2019
КАРАЧИ (АА) - Вооружени лица застрелаа најмалку 14 патници во југозападната пакистанска покраина Белуџистан, објавија официјални и локални медиуми, пренесува Anadolu Agency (AA).
Инцидентот се случил на главниот автопат кој го поврзува градот Карачи со стратешкото пристаниште Гвадар во југозападниот дел на земјата, каде што неидентификувани напаѓачи во маскирна униформа пресретнале пет до шест патнички автобуси, соопшти заменикот-комесар на Гвадар, Мухамед Васим за новинарите.
Тешко вооружените напаѓачи, според локалниот медиум „Даун њуз“ (Dawn News), кој цитираше неименувани безбедносни извори, прво ги симнале патниците од автобусот, а потоа, по проверка на идентификациите, зеле со нив 16 патници кон подрачјето Бази Tоп.
Најмалку 14 патници се убиени од страна на вооружените лица, додека двајца успеале да избегаат и стигнале до најблиската безбедносна контролна точка. Безбедносните сили се упатиле на местото и ги префрлиле телата во блиската болница.
Безбедносните сили започнаа истрага за инцидентот, вклучувајќи ги и можните мотиви.
Во меѓувреме, премиерот на Пакистан, Имран Кан, го осуди нападот, нарекувајќи го подол акт на терор, и им наложи на властите да ги изведат сторителите пред лицето на правдата.
Во сличен инцидент во 2015 година, напаѓачи киднапираа, а подоцна и убија 19 патници од автобуси во планинскиот регион Кад Коча во Белуџистан.
Големата пакистанска покраина Белуџистан, која граничи со Иран и Авганистан, во последниве неколку недели забележа нов бран насилства. Најмалку 21 лице загинаа, а десетици беа повредени во самоубиствен напад во главниот град на покраината Квета минатата недела.
Покраината е стратешки важна поради богатите резерви на бакар, цинк и природен гас. Таа претставува и клучна рута на економскиот коридор Кина - Пакистан, вреден повеќе милијарди долари, дел од амбициозниот проект на Пекинг, „Еден појас - Еден пат“.