Ekipa
20 Јуни 2017•Ажурирај: 20 Јуни 2017
МАИДУГУРИ (АА) - Припадниците на терористичката организација Боко Харам во Нигерија изведоа пет одделни самоубиствени напади во коишто загинаа вкупно 16 лица, а 8 се повредени, јавува Anadolu Agency (AA).
Според вестите објавени во националните медиуми, милитантите на Боко Харам извршиле пет одделни самоубиствени напади на различни места во градот Маидугури, во североисточниот дел на Нигерија, во сојузната држава Борно. Во нападите, животот го загубија 16 лица, а осуммина се ранети.
Абдулкадир Ибрахим, претставник на Националната агенција за управување со вонредни ситуации на Нигерија (НЕМА), соопшти дека кога нивните екипи пристигнале на местото на нападот ги пронашле телата на 12-мина загинати, а четворица од ранетите подоцна им подлегнале на повредите. Ибрахим истакна дека сите бомбаши-самоубици биле жени.
Тој потсети дека пред две недели, во истиот град терористичката организација Боко Харам изведе оружен напад во кој животот го загубија 10 лица.
Оваа терористичка организација којашто во Нигерија е активна од почетокот на 2000 година, почна да изведува акти на масовно насилство откако нејзиниот лидер Мухамед Јусуф почина во притвор, во 2009 година. Поради нападите на организацијата и судирите што се случуваат, стотици илјади лица се принудени да ги напуштат своите домови.