Nuri Aydın
11 Март 2021•Ажурирај: 12 Март 2021
АНКАРА
Полицајците во Мјанмар, кои се засолнија во Индија, тврдат дека побегнале затоа што стравувале дека ќе бидат принудени да ги убијат демонстрантите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Полицијата во Мјанмар, која се засолни во Индија по воениот удар, за „Би-би-си“ (BBC) ги раскажа причините за напуштањето на земјата.
Наинг, еден од полицајците чие вистинско име не е обелоденето од безбедносни причини, истакна дека избегал откако двапати одбил да пука во демонстрантите.
„Му реков на мојот претпоставен дека не можам да пукам во демонстрантите и дека ќе бидам на страната на народот“, рече Наинг.
Нагласувајќи дека Армијата станува сѐ побрутална, Наинг рече дека е загрижен што не може да се сретне со своето семејство.
Дваесет и двегодишниот полицаец, со кодно име „Хтут“, исто така рече дека одбил да отвори оган кон демонстрантите.
„Одговорниот офицер ни нареди да пукаме во групи во кои има повеќе од пет лица. Знам дека луѓето се тепаа. Имав непроспиени ноќи“, рече Хтут.
Тој исто така истакна дека кога гледа како се пука во луѓе, совеста не му дозволува да учествува во такви дела.
Полицаецот, со кодно име „Грејс“, во својата изјава наведе дека Армијата интервенирала врз демонстрантите со стапови и гумени куршуми, а врз групите со деца интервенирано е со солзавец.
Истакнувајќи дека ја сакаат својата професија, но не можат да ги исполнуваат своите должности под овие услови, Грејс рече: „Тие побараа од нас да го растераме народот и да ги уапсиме нашите пријатели, но ние не можевме да го направиме тоа. Моите родители се стари и многу се плашат, но немавме друг избор освен да избегаме.“
Меѓу другото, полицајците истакнаа дека очекуваат повеќе нивни колеги да им се придружат во блиска иднина.
Во меѓувреме, властите во Мјанмар побараа екстрадиција на полицајците кои пребегнаа во Индија „во име на одржување добри односи“.
Официјалните лица на сојузната држава Мизорам, каде што се засолнети полицајците, изјавија дека Централната влада може да донесе одлука за екстрадиција, а на оние што избегаа од Мјанмар ќе им се даде право на „привремен азил“.
Според државните претставници, повеќе од 100 лица, вклучително и цивили, избегале од Мјанмар во Мизорам по воениот удар.
- Воен удар во Мјанмар
Тензиите во Мјанмар ескалираа поради тврдењата дека на изборите на 8 ноември 2020 година се направени манипулации. Генералштабот на 28 јануари ја повика Владата да ги разјасни обвинувањата за манипулација на изборите.
Армијата на Мјанмар ја презеде власта на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Во следните денови, Армијата на Мјанмар изврши рација во партиските штабови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД), запленувајќи компјутери и документи.
Началникот на Генералштабот, Мин Аунг Хлаинг, кој ја презеде администрацијата во земјата, вети дека ќе се одржат демократски избори по завршувањето на воената состојба.