Şahin Demir
19 Август 2026•Ажурирано: 19 Август 2026
Претседателот на иранскиот Парламент, Мухамад Багер Галибаф, денес пристигна во ирачкиот главен град Багдад на чело на висока делегација, јави Ирачката новинска агенција (ИНА), пренесува Анадолу.
Прес-службата на ирачкиот Парламент соопшти дека првиот заменик-претседател на Парламентот, Аднан Фајхан, ги пречекал Галибаф и неговата делегација на Меѓународниот аеродром во Багдад.
Пред да замине од Техеран, Галибаф изјави дека посетата, која се реализира на покана на ирачкиот колега, ќе биде фокусирана на проширување на соработката меѓу Техеран и Багдад во економската, политичката, културната, општествената и безбедносната сфера, според неговиот официјален канал на Телеграм.
Тој истакна дека е предвидено да се сретне и со високи ирачки официјални претставници, вклучително и со претседателот, како и со претставници од економскиот и културниот сектор.
Галибаф ги опиша односите меѓу Иран и Ирак како „многу важни и фундаментални“ за регионалните случувања, додавајќи дека во иднина регионот ќе биде сведок на „нов поредок“.
Во посебна објава на X, Галибаф наведе дека врските меѓу иранскиот и ирачкиот народ се „историски и неразделни“.
„Нашиот соседски однос е изграден врз братство во најтешките денови, отпор кон странската интервенција и верба во заедничката судбина на двете земји“, рече тој, додавајќи дека оваа историја ќе служи како водич за иднината.
Се очекува Галибаф да отпатува и во Кербела за да присуствува на церемонија со која се одбележуваат 40 дена од погребот на покојниот ирански лидер, како претставник на врховниот лидер на Иран.