Erdoğan Çağatay Zontur
16 Декември 2019•Ажурирај: 17 Декември 2019
АНКАРА
Украина уапси припадник на ФЕТО осомничен за убиството на проф. д-р Неџип Хаблемитоглу. Станува збор за Нури Гокхан Б. кој се наоѓа во бегство, велат турските безбедносни извори, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во мај оваа година за Нури Гокхан Б. беше издаден налог за апсење. За да биде ставен на црвената листа, турските власти упатија барање до Интерпол. Тој прво беше уапсен на 12 јули 2019 година во Украина, со можност за екстрадиција, но по поднесената жалба, се здоби со право за домашен притвор со електронски мониторинг.
Изворите кои сакаа да останат анонимни велат дека турското министерство за правда до украинските власти поднело барање за екстадиција на Нури Гокхан Б., кој се уште се наоѓа во домашен притвор. Се очекува по одлуката на украинските судски власти тој да и биде испорачан на Турција.
Проф. д-р Неџип Хаблемитоглу од Универзитетот во Анкара, познат е по своите истражувања и книги за терористичката организација ФЕТО, во кои ја именува како криминална организација. Хаблемитоглу беше убиен пред својот дом на 18 декември 2002 година, но убиството никогаш не беше разрешено.
Обвинителите во Анкара во 2015 година започнаа истрага за вмешаност на ФЕТО во нерешените убиства извршени во периодот меѓу 2000 и 2013 година.
ФЕТО и нејзиниот водач, Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), стојат зад неуспешниот обид за државен удар на 15 јули 2016 година во Турција, во кој загинаа 251 лице, а речиси 2.200 беа ранети.
Терористичката ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за соборување на државниот поредок преку инфилтрација на нејзините припадници во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.