АНКАРА - Продолжуваат протестите на ниво на цела Индија поради измените во Законот за државјанство со кои им се овозможува добивање државјанство на шест верски групи кои од соседните земји влегле во Индија, но истовремено законската измена тоа право им го оспорува на муслиманските имигранти, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според вестите објавени во индиските медиуми, во повеќе индиски држави започнати се студентски демонстрации поради употребата на прекумерната сила на полицијата при интервенцијата на протестот на кој учествуваа студенти од Универзитетот „Џамија милија исламија“ (JMI) од главниот град Њу Делхи и на протестот на студентите од Универзитетот „Алигарх муслим“ во државата Утар Прадеш, при што се ранети голем број студенти.
Пред седиштето на полицијата во Њу Делхи демонстрираат повеќе стотици лица, меѓу кои се наоѓаат и студенти од универзитетите „Џавахарлал Нехру“ и „Џамија милија исламија“.
Објавено е дека по синоќешната насилна интервенција на полицијата врз демонстрантите во Универзитетот „Алигарх муслим“ и упадот во универзитетскиот кампус, сите студенти ќе бидат испратени во своите живеалишта.
Стотици студенти од Универзитетот „Надва“ во градот Лакнов во државата Утар Прадеш се собраа во студенскиот кампус во знак на протест на законските измени, полициските акции и употребата на сила. Полицијата не дозволи студентите да го напуштат кампусот, по што студентите фрлаа камења по полицијата.
Студентите од Универзитетот „Банарас Инду“ во градот Варанаси и од Универзитетот „Мевлана Азад Урду“ во градот Хајдарабад, цела ноќ протестираа против полициското насилство и законските измени за државјанство.
Студентите од Индискиот технолошки институт (IIT), Институтот за социјални науки „Тата“ во Мумбај, заедно со студентите од Универзитетот „Мумбај“ соопштија дека се солидаризираат со студентите од Универзитетот „Џамија милија исламија“, врз кои полицијата спровела насилство, и дека затоа ја бојкотираат наставата.
Протести против полициското насилство врз студентите на Универзитетот „Џамија милија исламија“ и против измените на Законот за државјанство организираа студентите од универзитетите „Алијах“ и „Џадавпур“ во главниот град Калкута на државата Западен Бенгал, Универзитетот „Патна“ во државата Бихар, Универзитетот „Пондичери“ во државата Пудушери, Универзитетот „ИИТ-Мадрас“ во државата Тамил Наду и Универзитетот „Чандигарх“ во државата Пенџаб.
Во државата Керала протестите траеја во текот на целата вечер.
- Ограничување на интернетот
Премиерот на индиската држава Западен Бенгал, Мамата Банерџи, повика на протести во главниот град Калкута против законските измени. Во прекин се интернет-услугите во четирите подрачја од оваа држава.
Органичувањето на интернетот е продолжен уште на 24 часа во 10 подрачја на државата Асам во североисточниот дел на Индија, а ограничен е интернет-пристапот и во подрачјата Алигарх, Мерут и Сахаранпур во индиската држава Утар Прадеш.
- Се тврди дека полицајци запалиле автобус во главниот град
На социјалните мрежи објавени се некои видеа на кои може да се забележи како полицијата на Њу Делхи од канистри истура течност во внатрешноста на оштетените автобуси. По овие видеоматеријали, голем број интернет-корисници коментираа дека полицијата ги запалила автобусите, за потоа сета вина да им ја префрлат на демонстрантите.
Полицијата на Њу Делхи ги негираше тврдењата.
Вчера се тврдеше дека демонстрантите на вчерашните протести во Њу Делхи запалиле автобус.
- Полицијата без дозвола упадна во Универзитетот „Џамија Милија Исламија“
Полицијата на Делхи вчера без дозвола упадна во Универзитетот „Џамија Милија Исламија“ во главниот град, и со солзавец и вистински куршуми ги нападна студентите и вработените на Универзитетот.
Васем Ахмед Хан, претставник на Универзитетот, преку објавата на социјалната мрежа Твитер соопшти дека полицијата насилно влегла во Универзитетот, ги скршила прозорците и ги нападнала студентите и вработените.
Хан истакна дека откако полицијата употребила солзавец, студентите се сокриле во универзитетската библиотека, а полицијата во операцијата користела и вистински куршуми, од кои во ногата е ранет еден студент.
Хан потенцираше дека полицијата го затворила влезот и излезот од Универзитетот, додавајќи дека не им е дозволен влез во студентскиот кампус на медицинските возила за да им се помогне на студентите кои се ранети или погодени од солзавецот.
- Муслиманите остануваат надвор од рамките на законот
Со новите измени на Законот за државјанство на Индија, лицата кои мигрирале во различни сојузни држави на Индија пред 31 декември 2014 година имаат право на добивање индиско државјанство, но тоа право не им се дава на имигрантите муслимани, кои се држат надвор од овој закон.
Со новите законски измени, имигрантите будисти, сикисти, џаинисти, парси, индуси и христијани, кои бегаат под верски притисоци, особено оние од Пакистан, Бангладеш и Авганистан и кои ќе можат да докажат дека повеќе од шест години живеат во Индија, имаат право да добијат индиско државјанство.
Во исто време, муслиманите кои се наоѓаат во истата позиција, остануваат надвор од овие законски рамки.
Индија е втора земја во светот според бројот на муслиманско население. Со оваа законска регулатива 200 милиони муслимани се доведени во граѓани од втор ред, а голем број муслимани ќе останат без државјанство, поради што законските измени се многу критикувани - муслиманите без државјанство или ќе бидат депортирани или ќе бидат ставени во затвор.
Џереми Лоренс, портпаролот на Високиот комесаријат на ОН за човекови права, на 13 декември одржа прес-конференција во Канцеларијата на ОН во Женева на која изјави „Загрижени сме поради новите измени на Законот за државјанство на Индија за 2019 година бидејќи тој по природа е фундаментално дискриминаторски.“