ВАШИНГТОН (АА) - По виртуелното гласaње проследено со „ритуалот“ на делегатите за извикување на бројките на своите држави, Џо Бајден беше официјално избран за кандидат за претседател на Соединетите Американски Држави (САД) од редот на демократите на втората вечер од Конвенцијата на Демократската партија, јавува Агенција Анадолија (АА) .
„Ви благодарам на сите. Тоа ми значи многу мене и на моето семејство, и ќе се видиме во четврток“, рече Бајден од училиштето во Делавер каде што неговата сопруга Џил го одржа својот говор во вторникот вечерта.
Во својот говор на Конвенцијата, Џил Бајден говореше за ликот на нејзиниот сопруг, оставајќи личен печат на ноќта. Таа ја пофали храброста на Бајден да продолжи да работи по загубата на нивниот син Бо.
„Четири дена по погребот на Бо го видов Џо како се бричи и облекува одело. Го видов како психички се бодри гледајќи се во огледалото, зеде здив, ги исправи рамената наназад и излезе во светот во кој веќе го немаше нашиот син. Се врати на работа. Тоа е тој“.
Вториот ден од Конвенцијата започна со низа истакнати демократи, меѓу кои и поранешниот претседател Бил Клинтон и претставничката Александрија Окасио-Кортез, кои говореа за Бајден и го критикуваа претседателот Доналд Трамп за неговите преземени чекори во врска со коронавирусот, расната неправда и неговото негирање на климатските промени.
Поранешниот претседател Клинтон во претходно снимен краток говор го нападна Трамп за начинот на справување со пандемијата.
„Како реагираше Доналд Трамп? Отпрвин рече дека вирусот е под контрола и наскоро ќе исчезне. Кога тоа не се случи, тој секој ден беше на телевизија фалејќи се за тоа каква одлична работа прави, додека научниците чекаа да ни дадат значајни информации. Кога не му се допаѓаа советите на експертите кои му беа дадени, тој ги игнорираше“, рече Клинтон.
„Само кога Ковид-19 експлодира во повеќе држави, тој ги охрабри луѓето да носат маски. Но дотогаш многу умираа. Кога го прашаа за порастот на смртните случаи, тој рече: ‘Таква е состојбата.’ Но, дали требаше да дојде до ова? - Не. Ковид не погоди многу потешко отколку што требаше“.
Клинтон тогаш даде изненадувачка изјава дека Соединетите Американски Држави (САД) се единствената голема индустриска економија која доживеа стапката на невработеност да се зголеми тројно од почетокот на пандемијата на коронавирусот.
Една од темите во текот на оваа Конвенција беа републиканците кои зборуваа за причините поради кои веруваат дека земјата треба да го поддржи Бајден, меѓу кои беше и поранешниот државен секретар Колин Пауел.
„Џо Бајден ќе биде претседател на кој сите ќе бидеме горди да го поздравиме“, рече тој во видео порака. „Со Џо Бајден во Белата куќа никогаш нема да се сомневате во тоа дека тој ќе застане покрај нашите пријатели и ќе им се спротивстави на нашите противници - а не обратно“.
Џо Бајден треба да ја прими номинацијата утре.
news_share_descriptionsubscription_contact
