Davut Demircan
14 Јуни 2020•Ажурирај: 15 Јуни 2020
СЕУЛ (АА) - Ким Јо Џонг, сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, ѝ се закани на Јужна Кореја со воена акција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Ким смета дека е време да се прекинат односите со официјалните претставници на Јужна Кореја и наскоро ќе го преземе следниот чекор“, јави севернокорејската новинска агенција (KCNA).
Објавено е дека Ким ѝ наредила на Армијата да преземе и да ги испланира потребните чекори против непријателската администрација во Јужна Кореја, како и затворање Бирото за врски на границата меѓу двете земји.
Изјавата на Ким дојде неколку часа откако високиот претставник на севернокорејското Министерство за надворешни работи, Квон Џонг Гун, рече дека изјавите против нуклеарното оружје од страна на Јужна Кореја се непотребни и ќе доведат до ставање точка на меѓусебните односи.
Северна Кореја е особено лута поради неуспехот на Сеул да ги запре летоците со пропагандна содржина против Пјонгјанг и предупреди дека Јужна Кореја скапо ќе плати за тоа.
Пјонгјанг на 9 јуни соопшти дека целосно ќе ги прекине и затвори сите комуникациски линии со Јужна Кореја.
Воените власти на Северна Кореја не одговорија на телефонскиот повик од властите на Јужна Кореја на 9 јуни, првпат по 2018 година.