Ekipa
18 Јануари 2022•Ажурирај: 19 Јануари 2022
АНКАРА (АА) - Северна Кореја соопшти дека вчера тестирала две тактички наведувани ракети, што претставува нејзин четврто тестирање на ракети овој месец, објавија државните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Ракетите лансирани од западниот дел на Демократска Народна Република Кореја „прецизно погодија островска цел во Источното Корејско Море“, изјави претставник на одбраната во соопштение објавено од Корејската централна новинска агенција.
Се вели дека целта на тестирањата е да се испита оружјето и да се потврди неговата исправност, безбедност и оперативна ефикасност.
„На 17 јануари беше извршено тестирање за проценка на тактички наведувани ракети според планот на надлежните институции, вклучително и Академијата за одбранбени науки и Втората економска комисија“, се додава во соопштението.
Вчера, јужнокорејската Војска соопшти дека детектирала две ракети за кои вели дека се балистички ракети со краток дострел истрелани од Пјонгјанг.
Последното ракетно тестирање се случи само три дена откако Северна Кореја соопшти дека тестирала две тактички наведувани ракети од железнички вагони.
Минатата среда, Северна Кореја соопшти дека успешно го извршила последното тестирање на новоразвиена хиперсонична ракета.
Хиперсоничните ракети обично летаат петпати побрзо од брзината на звукот, или 6.125 километри на час, давајќи им малку време на непријателите за одговор.
Ваквите тестирања на ракети ги поттикнаа САД да воведат санкции за пет лица вклучени во ракетната програма на Северна Кореја.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Северна Кореја рече дека американските санкции се јасна провокација и го критикуваше Вашингтон дека намерно ја влошува ситуацијата.
„Гангстерската логика на САД го доведува во прашање остварувањето на нашето легитимно право на самоодбрана“, се вели во соопштението пренесено од државната Корејска централна новинска агенција.
Официјалниот претставник рече дека поривот на Северна Кореја за оружје од нов тип е само за подобрување на нејзината национална одбранбена способност, а не за негово насочување кон одредена земја или сила.
Во соопштението се предупредува на посилен и појасен одговор доколку САД продолжат со својот „став на конфронтација“.