Mustafa Talha Öztürk
15 Мај 2020•Ажурирај: 16 Мај 2020
БЕЛГРАД
Словенечката Влада прогласи крај на пандемијата на Ковид-19, со што стана првата европска земја која тоа го направила, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Словенија ја скроти епидемијата во текот на изминатите два месеци... Денес Словенија ја има најдобрата епидемиолошка слика во Европа“, изјави словенечкиот премиер Јанез Јанша.
Одлуката следуваше откако официјалните претставници на оваа балканска земја потврдуваа по помалку од 7 нови случаи на коронавирусот секој ден во последните две недели.
Националниот институт за јавно здравје проценува дека сите показатели покажуваат дека ширењето на вирусот се смирило, со вкупно 35 нови случаи регистрирани во последните 14 дена.
„Луѓето кои пристигнуваат во Словенија од другите држави на Европската Унија, повеќе нема да бидат обврзани да одат во карантин“, рече Јанша.
Сепак, бидејќи сѐ уште постои ризик за ширење на вирусот, некои рестриктивни мерки ќе останат на сила.
Првиот случај на Ковид-19 во Словенија беше потврден на 4 март, а до 13 мај имаше речиси 1.500 случаи.
Вкупно 103 лица починаа од Ковид-19 во Словенија, земја со популација од 2 милиони луѓе.
Владата соопшти дека на странските граѓани кои покажуваат знаци на заразување со коронавирусот, сепак нема да им биде дозволено да влезат во земјата и дека ќе се применува карантин од најмалку 14 дена за луѓето од државите кои не се членки на ЕУ, со некои исклучоци, вклучително и дипломати и лица кои превезуваат стока.
Коронавирусот, официјално познат како Ковид-19, откако за првпат се појави во кинескиот град Вухан изминатиот декември, се рашири во речиси 200 земји и региони. Европа и САД во моментов се најтешко погодени региони.
Пандемијата досега ги зеде животите на над 302.000 луѓе во светот, над 4,4 милиони се заразени, додека излекувани се 1,59 милион, според податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.