Ahmet Gürhan Kartal
03 Јуни 2019•Ажурирај: 04 Јуни 2019
ЛОНДОН (АА) - Американскиот претседател, Доналд Трамп, денес пристигна во Велика Британија со што ја започнува тридневната државна посета, јавува Anadolu Agency (AA).
Заедно со неговата сопруга, Меланија Трамп, и со неговата придружба, претседателот Трамп беше пречекан под строги безбедносни мерки на аеродромот „Станстед“ од страна на британскиот секретар за надворешни работи, Џереми Хант.
Неговата посета се случува неколку дена пред заминувањето на британската премиерка, Тереза Меј, од нејзиниот Кабинет, поради неуспехот во стратегијата за Брегзит.
Кралицата ќе го пречека Трамп во Бакингемската палата со официјална церемонија и ќе организира државна вечера.
Се очекува американскиот претседател, Доналд Трамп, да одржи средба со британската премиерка, Меј, во врска со трговските односи меѓу Велика Британија и Соединетите Американски Држави (САД) по Брегзит, како и за други национални и меѓународни прашања.
Трамп за време не посетата ќе го посети градот Портсмут, каде што ќе присуствува на одбележувањето на годишнината од Денот Д.
- Контроверзност -
Посетата на Трамп беше опишана како најконтроверзна посета од страна на американски претседател во Велика Британија.
За утре организирани се протести во централниот дел на Лондон, каде што се очекува десетици илјади лица да присуствуваат на собирот на Плоштадот „Трафалгар“.
Трамп веќе предизвика контроверзии пред неговата посета, давајќи коментари за Брегзит и за домашната политика на Велика Британија, откако даде отворена поддршка за поранешниот секретар за надворешни работи, Борис Џонсон, кој се кандидира за лидер на Конзервативната партија.
Трамп, исто така, предизвика гнев кај проевропските табори, велејќи дека Најџел Фараж треба да ги одржува преговорите за Брегзит со ЕУ.
Критикуван за тоа што за време на интервјуто за еден таблоид војвотката Меган Маркл ја нарече „непријатна“, откако дознал дека таа била критички настроена кон неговото водење на претседатеската изборна кампања, се очекува Трамп да биде соочен и со протести на илјадници луѓе за време на неговата посета.
Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, го опиша Трамп како еден од најисклучителните примери на растечка глобална закана и го спореди јазикот што тој го користел со тој на фашистите од 20 век.
Трамп, исто така, претходно беше критикуван за тоа што споделувал антимуслимански видеа на Твитер од крајнодесничарската група наречена „Британ фрст“ (Britain First), чиј потег Меј го сметаше за погрешен.
Поканата за државна посета на Трамп од страна на Меј беше изразена за време на нејзината посета на САД на 27 јануари 2017 година, предизвикувајќи критики во Велика Британија поради контроверзната забрана на новиот претседател за патување за граѓаните на седум муслимански земји.
Петицијата со која се повикуваше британската Влада да ја откаже поканата беше потпишана од над 1,85 милиони луѓе.
Исто така се вели дека добро документираната мизогинија и вулгарност на Трамп го дисквалификувале од средбата со кралицата или другите членови на кралското семејство.
Владата одговори на парламентарната петиција, велејќи дека верува оти американскиот лидер треба да биде официјално пречекан со целосна учтивост.