Riyaz Khaliq Khaliq
23 Август 2021•Ажурирај: 24 Август 2021
АНКАРА
Се проценува дека милион авганистански деца во текот на оваа година ќе бидат под ризик од акутна потхранетост и би можеле да умрат без лекување, предупредија денес од Меѓународниот фонд за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Форе, изјави дека на околу 10 милиони деца низ Авганистан им е потребна хуманитарна помош за да преживеат.
Таа додаде дека во Авганистан не се образуваат околу 4,2 милиони деца, вклучувајќи повеќе од 2,2 милиони девојчиња.
Во соопштението се наведува дека приближно 435.000 деца и жени во земјата разорена од војна, во која талибанците ја презедоа власта, се интерно раселени.
„Ова е мрачна реалност со која се соочуваат авганистанските деца и останува таква без оглед на тековните политички случувања и промени во власта. Очекуваме дека хуманитарните потреби на децата и жените ќе се зголемат во наредните месеци како последица на големата суша и како последица на тоа, недостатокот на вода и разорните општествено-економски последици од пандемијата на Ковид-19 и почетокот на зимата“, изјави Фор.
Повикувајќи ги талибанците и другите страни да ја осигурат безбедноста, Агенцијата на ОН одговорна за обезбедување хуманитарна и развојна помош за децата низ светот повика на „навремен и непречен пристап до децата во потреба каде и да се“.
Иако многу луѓе се плашат од одмазда и се обидуваат да ја напуштат земјата, талибанците ја обезбедија работата на странските мисии, меѓународните организации и агенциите за помош.
„Ве уверувам дека нема да дозволиме никој да стори ништо против вас“, изјави портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид, на првата прес-конференција откако ја презеде контролата врз Авганистан на 15 август.
Групата вети дека ќе ги почитува правата на жените „во рамките на исламскиот закон“.
„Тие ќе работат со нас, рамо до рамо. Ако меѓународната заедница е загрижена, сакаме да ги увериме дека нема да има дискриминација врз жените, но секако во рамките што ги имаме“, рече тој.