Ekip
03 Септември 2020•Ажурирај: 04 Септември 2020
ЊУ ДЕЛХИ
Утринава беше хакиран профилот на Твитер поврзан со личната веб-страница и мобилна апликација на индискиот премиер Нарендра Моди, јавува Агенција Анадолија (АА).
Сајтот за микроблогирање потврди дека профилот кој имал 2,5 милиони следбеници е хакиран и наведе дека ја испитуваат оваа работа.
„Свесни сме за оваа активност и презедовме чекори за да го обезбедиме компромитираниот профил. Активно ја истражуваме оваа ситуација. Моментално немаме информации дали се хакирани и некои други профили“, објави портпаролот на Твитер.
Објавени се неколку лажни повици на Твитер со кои од следбениците се бараше да донираат криптовалута до Националниот фонд за помош на премиерот.
На профилот @narendramodi_in во полето за биографија пишува дека е лична веб-страница и мобилна апликација на Нарендра Моди.
Во јули беа хакирани неколку истакнати профили на Твитер, вклучувајќи ги профилите на музичарот Канје Вест, главниот извршен директор на компанијата за производство на електрични возила „Тесла“, Илон Маск и американскиот претседателски кандидат Џо Бајден.