Ekipa
09 Февруари 2017•Ажурирај: 10 Февруари 2017
КАБУЛ (АА) - Меѓународниот комитет на Црвениот крст (ИЦРЦ) ги става во мирување своите активности во Авганистан по нападот во северниот дел на земјата, во кој шест негови членови ги загубија животите, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставникот на ИЦРЦ во Авганистан, Томас Глас, за АА сепак ја потврди посветеноста на Црвениот крст во помагањето и поддршката на лицата кои имаат потреба од помош во Авганистан, кој е опустошен од војна.
„Жално е да се биде сведок на напади што се насочени кон луѓе кои се таму за да им помогнат на други луѓе. Тоа има последици, не можеме да одиме и да ги ризикуваме животите на членовите од нашиот тим ако немаме гаранција за безбедност“, вели тој.
Вчера, шест членови на ИЦРЦ беа смртно застрелани од група вооружени мажи кои локалната полиција ги опиша како бунтовници – поддржувачи на ДЕАШ. Тимот на ИЦРЦ бил на пат за да обезбеди помош во село во северната покраина Џаузџан, кога биле нападнати. Според ИЦРЦ, други двајца членови на персоналот сѐ уште се водат за исчезнати. Групата за помош е активна во Авганистан во последните 30 години.
Нападот е остро осуден. Извршниот директор за Авганистан, Абдула Абдула го опиша овој напад како криминален акт на терористи кукавици.
Комесарот на ЕУ за хуманитарна помош и управување со кризи, Христос Стилијанидес изјави дека нападот на оние што работат за да им помогнат на другите е напад на хуманоста и сериозно кршење на меѓународното хуманитарно право.