Rabia İclal Turan
06 Август 2026•Ажурирано: 06 Август 2026
Високото раководство на ФИФА вчера повторно ја потврди својата поддршка за претседателот Џани Инфантино по кризниот состанок во Рабат, Мароко, додека светската фудбалска организација настојува да ги ублажи последиците од повлечениот предлог вреден 20 милијарди долари за продажба на комерцијалните права на Светското првенство, јавува Анадолу.
Во соопштението ФИФА наведе дека генералниот секретар Матијас Графстром и членовите на Управниот одбор на организацијата ја потврдиле својата целосна поддршка за претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, додека Инфантино ја повторил својата поддршка за генералниот секретар и администрацијата на ФИФА.
„Највисокото раководство на ФИФА е целосно уверено дека резултатите од денешниот состанок ќе го зајакнат управувањето на ФИФА, ќе помогнат да се врати довербата во организацијата и ќе ни овозможат обединето и транспарентно да се подготвиме за големите настани и предизвици што претстојат, продолжувајќи ја нашата мисија за развој на фудбалот низ светот“, се наведува во соопштението.
На состанокот се разговарало за контроверзниот предлог, според кој ФИФА разгледувала можност за продажба на комерцијалните и оперативните права на Светското првенство, пред планот да биде повлечен поради силните критики.
ФИФА соопшти дека биле признаени „направените грешки“, додавајќи дека не била намерата Советот на ФИФА и националните фудбалски асоцијации да се чувствуваат исклучени од процесот и дека постапката требало да биде спроведена поинаку.
Организацијата наведе дека до членовите на Советот на ФИФА и националните асоцијации било испратено посебно писмо со извинување за пропустите, како и дека ќе биде спроведена ревизија, чии наоди ќе бидат презентирани на следниот редовен состанок на Советот.
ФИФА додаде дека предлогот повеќе не е актуелен и порача дека „повеќе нема да толерира никакви напади врз својот интегритет, доброто управување и законската процедура“ и дека ќе ги преземе сите неопходни мерки за заштита на своето име и углед.