Seda Sevencan,Jeyhun Aliyev,Ahmet Gençtürk
14 Март 2022•Ажурирај: 15 Март 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција решително ќе ги продолжи напорите за воспоставување траен прекин на огнот меѓу Русија и Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган денес во Претседателската палата во Анкара го прими германскиот канцелар Олаф Шолц, а двајцата лидери по состанокот им се обратија на новинарите истакнувајќи ја неопходноста за ставање крај на војната во Украина.
Турскиот претседател рече дека Турција и Германија се согласни да ги засилат дипломатските напори за решавање на украинската воена криза, а истовремено да преземат чекори за заштита на европската безбедност.
„Ќе продолжиме, без двоумење, со нашите напори за воспоставување траен прекин на огнот“, рече Ердоган.
Тој додаде дека Турција и Германија се согласни и за неопходноста од зајакнување на билатералните економски односи, со акцент на зголемување на обемот на билатералната трговија. Германија веќе е најголемата дестинација за турскиот извоз.
„Нашиот обем на трговска размена со Германија во 2020 година изнесуваше 38 милијарди, а во 2021 година надмина 41 милијарда долари. Одлучни сме да го зголемиме на 50 милијарди“, рече Ердоган.
Германскиот канцелар Шолц во обраќањето пред новинарите во Анкара го повика рускиот претседател Владимир Путин итно да ја прекине војната против Украина, додавајќи дека заштитата на бегалците е хуманитарна одговорност.
„Сметаме дека затворањето на турските мореузи за воени бродови во согласност со Договорот од Монтре е важен придонес. Благодарни сме за тоа“, изјави Шолц.
Тој го истакна значењето на соработката помеѓу Европската Унија и Турција во областа на енергетиката.
Најави дека ќе бидат активирани форматите за дијалог на високо ниво меѓу Турција и ЕУ.
„Сакаме подобро да го искористиме големиот потенцијал во нашите односи. Мојата влада ја презеде одговорноста за тоа“, истакна Шолц, кој на должноста канцелар стапи изминатиот декември, наследувајќи ја канцеларката Ангела Меркел, која на чело на германската Влада беше 16 години.