Duygu Yener
04 Јануари 2018•Ажурирај: 04 Јануари 2018
АНКАРА (AA) - Портпаролот на кабинетот на претседателот на Турција, Ибрахим Калин, денеска во Анкара изјави дека мирот, стабилноста и благосостојбата на Иран се од исклучително значење за Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
„Морам да повторам дека нема да прифатиме обиди за дестабилизација на Иран, обиди да се наруши мирот и благосостојбата на иранското општество кое се спроведува преку изјави од некои делови на светот или преку социјалните мрежи“, рече Калин.
Тој се осврна и на изјавите на францускиот претседател, Емануел Макрон, за слободата на медиумите во Турција, и порача дека фактот доколку лицето е новинар, не мора да значи дека тоа лице е невино, односно дека не е во состојба да направи кривично дело.
„Претседателот Макрон за време на средбата со новинарите говореше за слободата на медиумите во Турција, Сметаме дека се работи за проценка која се темели на неинформираност. Темите кои се однесуваат на судството во Турција се во надлежност на правосудството. Доколку едно лице е новинар или извршува некоја друга должност, не значи дека тоа лице е невино и дека не е во состојба да направи кривично дело“, порача Калин.
Портпаролот на кабинетот на претседателот на Република Турција, во врска со пресудата на судот во Њујорк за челникот на Халкбанк, Хакан Атила, порача дека тоа е скандалозна одлука во еден скандалозен процес.
„Тоа е скандалозна одлука во скандалозен процес. Не постои какво било друго објаснување. Секако, беше многу јасно дека овој процес е заговор насочен кон мешањето во внатрешните работи и внатрешната политика на Турција. Во името на правото се спроведува едно срамно сценарио“, порача Калин.
Во врска со набавката на ракетните системи S-400, кои Турција ги набавува од Русија, Калин изјави дека ќе бидат одржувани заеднички едукативни работилници во врска со користењето на споменатиот систем.
„Нашите војници и техничари ќе одат во Русија, нивните техничари ќе доаѓаат во Турција, тоа е дел од целиот процес. Меѓутоа, не се работи за никакво распоредување на руски војници во Турција“, појасни Калин.
Ибрахим Калин ги отфрли наводите за промените во составот на Владата на Турција.
„Промените во кабинетот не се во нашиот дневен ред“, изјави Калин.