Mustafa Çalkaya
27 Октомври 2023•Ажурирај: 31 Октомври 2023
АНКАРА (АА) – Историјата на турската железничка мрежа започна во 1856 година, во ерата на Османлиското Царство, кога една британска компанија го презеде воспоставувањето на 130-километарската железничка линија Измир-Ајдин, а сега земјата има околу 14.000-километарска железница, пишува Анадолу.
Од 1956 до 1922 година на територијата на Османлиското Царство изградени се вкупно 8.619 километри железнички линии, вклучително и линиите Румелија и Анадолија-Багдад.
Во пострепубличкиот период железничките линии беа структурирани во согласност со националните интереси, а владите се фокусираа на проекти за железницата до 1950 година.
Со цел да се обезбеди ширење на економскиот развој низ целата земја, цел беше да се допре до неразвиените региони.
Во оваа рамка, на железничката мрежа се приклучија Кајсери во 1927 година, Сивас во 1930 година, Малатија во 1931 година, Нигде во 1933 година, Елазиг во 1934 година, Дијарбакир во 1935 година и Ерзурум во 1939 година.
Дополнително, владите ѝ дадоа значење на изградбата на продолжените линии што ги поврзуваа главните линии една со друга и одиграа многу важна улога во проширувањето на железницата низ целата земја.
Во овој контекст, во периодот 1923-1950 година 3.780 километри железничка мрежа беа додадени на 3.714-километарската железничка мрежа наследена од претрепубличкиот период, а вкупната должина на пругата достигна 7.671 километар.
Од 1950 до 2002 година приоритет им беше даден на инвестициите во автопатиштата, а железничката мрежа, со должина од 7.671 километар во 1950 година, до 2002 година се зголеми само до 10.940 километри.
- Ерата по 2002 година -
Експанзијата на железничката мрежа повторно доби замав по 2002 година; во 2023 година железничката мрежа достигна 13.919 километри.
Туркије ги проширува и железничките линии за брзи возови.
Во државата, која е мост меѓу истокот и западот поради нејзината стратегиска локација, од 2002 година се изградени 2.251 километар железнички линии за брзи возови.
Поврзувањето на континентите Азија и Европа со непрекината железничка линија е благодарение на железничкиот премин преку Босфор.
Модернизацијата на приградската линија Гебзе-Халкали овозможи непрекинат градски-приградски превоз меѓу Азија и Европа.
Брзите возови сообраќаат на линиите Анкара-Истанбул, Анкара-Коња, Анкара-Ескишехир, Коња-Истанбул, Анкара-Караман, Истанбул-Караман, Ескишехир-Истанбул, а неодамна и меѓу дестинациите Анкара-Сивас, која е пуштена во употреба овој април, а значително се скрати времето на патување до многу градови со регионалните возови или со комбиниран превоз со автобуси.
Брзите железници опслужуваат во просек околу 40.000 луѓе.
Стотици важни инвестиции се направени во изградбата на железничката линија Баку-Тбилиси-Карс, реновирање и модернизација на постојниот систем од 11.668 километри, либерализација на железничкиот транспорт и развој на националната и домашната железничка индустрија.
Како резултат на овие инвестиции, брзите возови директно стигнуваат до 11 града со изградбата на брзи железнички линии.
- Регионални возови -
Конвенционалните главни и регионални возови, кои опслужуваат во просек по 44.000 патници секој ден, обезбедуваат економично и удобно патување до четирите страни на земјата и даваат значаен придонес во домашниот туризам.
Интересот на патниците и на љубителите на фотографијата за возовите што сообраќаат на различни правци е голем.
Возовите на главната линија сообраќаат на 16 маршрути низ земјата.
- Возови од домашно, турско производство -
Под капата на Турската индустрија за железнички возила (Турасас) започнаа активностите за развој на автохтоната железничка индустрија.
Планирано е снабдување со 95 електрични главни локомотиви и 20 електрични дизел-локомотиви од Турасас.
На пругата Адапазари-Гебзе од мај се пуштени во употреба и два електрични патнички воза од домашно, турско производство.